Министерството за култура денеска распиша конкурс за учество во финансирање проекти за манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ во 2022 година.
Конкурсот денеска го најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. На настанот се обратија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
– Целта е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонски јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите, графитите како ѕидни писанија. Зашто плодот чие семе одамна е посадено мора да остане здрав – нагласи министерката Костадиновска-Стојчевска.
Право на учество на конкурсот имаат сите државјани на земјава, а предност ќе имаат млади автори до 30-годишна возраст кои првпат конкурираат.
Конкурсот ќе трае од 5 мај до 5 јуни 2022 година. Манифестацијата ќе се одвива од 15 јуни до 15 јули 2022 година.
Конкурсот и пријавата се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.