Учениците од основните училишта се ослободуваат од носењето маски, но мерката останува за наставниците и техничкиот персонал, капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри, кина се зголемува од 50 отсто на 75 проценти и се укинуваат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.
Ова се трите мерки усвоени од Комисијата за заразни болести, кои таа ќе ги препорача на Главниот кризен штаб и на усвојување од Владата.
Од Комисијата велат дека предлогот е донесен со големо мнозинство на нејзините членови. Оттаму додаваат дека будно ја следат епидемиолошката слика и дека е неблагодарно предвреме да се прават било какви предвидувања, бидејќи актуелната состојба во Германија и Австрија покажува нагло зголемување на бројот на новозаразени, откако претходно беа укинати речиси сите мерки на здравствена заштита.