Комисијата за заразни болести по одржаниот состанок одлучи да се укинат задолжителното поседување на сертификати за вакцинација, за влез во моловите. Сега, повторно ќе има нова кампања за да се поттикне вакцинацијата, но без оваа рестрикција. Сертификатите за влез во кафеани и ресторани, остануваат.
– Да се препорача укинување на задолжителните сертификати за во молови, односно онаму каде е задолжително носење на маски. Ова е олеснување на рестриктивните мерки. Ќе бидеме внимателни – рече Александар Петличковски, претседател на Комисијата.
– Оваа мерка не е целосно укината. Па така, ќе се контролира таму каде ќе се служи храна. Не би требало укинувањето на мерките да даде зголемување на бројот на заразени – кажа портпаролот Злате Мехмедновиќ според кого вакцинацијата е на ниско ниво.
Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.
– Со потенцирање на вакцинацијата кај ризичните групи, ќе спречиме компликаиции кај оваа група на граѓани. 260.000 граѓани се во таа група, 130.000 не се целосно вакцинирани, а останатите нема бустер доза. На тоа ќе се фокусираме за да го подигнеме квалитетот на имунитетот и да биде основа за понатамошно олабавување на мерките – кажа Мехмедовиќ.