Комисијата против дискриминација не ги прифаќа измените на Законот за основното образование

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изразува незадоволство од предлог-измените на Законот за основно образование, затоа што со измените не се исполнуваат целите за недискриминација.

Од Комисијата реагираат дека Министерството за образование и наука не ги зема предвид нивните забелешки. Велат дека со измените наместо да се спречи, ќе се продлабочи сегрегацијата на учениците Роми, а измените се на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието.

„Првична цел за изменување на Законот беше да се внесат одредби со кои ќе се оневозможи и превенира сегрегацијата на децата Роми во образованието, односно да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права „Елмазова и други против Република Северна Македонија“. Сегрегацијата на децата Роми во образованието е сериозен и комплексен проблем кој претставува форма на системска расна и етничка дискриминација. За неговото решавање се потребни системски промени во законската рамка, политиките на национално и на локално ниво во областа на образованието, домувањето и социјалната заштита, но и сериозни инвестиции во спроведувањето на соодветните мерки за да се овозможи инклузивно образование на сите деца“, се вели во реакцијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Од Комисијата додаваат дека имаат донесени повеќе мислења и постојано апелираат за системски измени за да се реши проблемот со сегрегацијата на Ромите. Според Комисијата, измените на Законот за основно образование во овој дел се недоволни и нема да придонесат кон искоренување и превенирање на овој проблем.

„Комисијата спроведе повеќе активности и упати мислења и барања до Министерството за образование и наука во однос на законскиот текст, кои не се пресретнати. Одбивањето да се именува проблемот со своето име – сегрегација, на симболичен начин зборува за недостатокот на соодветни и целисходни решенија за надминување на проблемот. Министерството повторно предвидува исклучоци од правилото за запишување на деца во најблиското училиште, со што се овозможува опстојување и продлабочување на сегрегацијата“, велат од Комисијата.

Според Комисијата за заштита од дискриминацијата уште повеќе загрижува фактот што МОН прави измени на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието, на штета на родовата еднаквост и на штета на заштитата од насилство и дискриминација на младите со поинаква сексуална ориентација и родов идентитет.

„Спротивно на Конвенцијата за правата на детето, Министерството го определува родителот како страна која треба да го има последниот одговор во однос на најдобриот интерес на детето. Оттука, најдобриот интерес на детето станува интерес на родителот. Согласно Конвенцијата, родителот учествува во определување на најдобриот интерес на детето, но потребно е да учествуваат и стручни лица од областа на образованието, социјалната и здравствената заштита. Преку оваа и други измени, Министерството го враќа назад процесот на инклузија, наместо да донесе решителни одредби и да направи сериозни инвестиции во обезбедувањето на услови за инклузивно образование“, нагласуваат од Комисијата.

Нагласуваат и дека со измените се бришат термините родова еднаквост и сексуална ориентација, родот и родовиот идентитет како дискриминаторски основи. Ова, велат, е спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој предвидува усогласувања на законодавството.

„Комисијата досега има постапувано во неколку случаи на дискриминација и врсничко насилство кон деца со различни заштитени карактеристики во образованието, како деца со попреченост, со посебни образовани потреби и ЛГБТИ. Сметаме дека образованието е клучна област во која се случува и во која се нормализира нееднаквоста, насилството и дискриминацијата на различни групи и која понатаму остава далекусежни последици кон психо-социјалниот развој на децата“, велат од Комисијата.

- Advertisement -
Ad image

Оттаму апелират до МОН и до Владата да го изменат законот согласно нивните коментари и насоки и да земат предвид дека како тело за еднаквост Комисијата ја има стручноста, надлежноста и капацитетите во оваа област.

„Нашите барања треба да бидат земени предвид, бидејќи сите деца имаат право да бидат еднакви и безбедни во образованието“, заклучува Комисијата за заштита од дискриминација.

Share This Article