Еден од најпознатите колумбиски нарко босови Фабио Очоа од САД е депортиран во Колумбија каде одлежа 25 од 30-те години затворска казна.
Очоа, еден од главните членови на картелот Меделин, синоќа пристигна во главниот град Богота, а на аеродромот го пречекаа гранични полицајци во панцири.
Граничната полиција потврди дека колумбиските власти повеќе не го бараат Очоа, кој своето богатство го стекна кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, продавајќи кокаин со неговите постари браќа.
Браќата толку се збогатија што во 1987 година се најдоа на листата на милијардери на магазинот Форбс.
Очоа, чиј лик се појавува во сериите „Narcos“ и „Grizelda“, управуваше со дистрибутивниот центар на кокаин картелот на чело со Пабло Ескобар, кој беше убиен во размена на оган со колумбиските власти во 1993 година, од американскиот Мајами.
Во САД, Очоа првпат беше обвинет во 1986 година, за учество во убиството на пилотот Берија Сил, кој му помагаше на картелот Меделин, а подоцна стана доушник на Управата за контрола на наркотици на САД.
Браќата Очоа им се предадоа на колумбиските власти во 1990-тите, врз основа на договор за избегнување екстрадиција во САД, и беа ослободени во 1996 година. Очоа беше повторно уапсен три години подоцна за трговија со дрога и беше екстрадиран во САД во 2001 година, каде што беше обвинет со повеќе од 40 други лица.