Колку е оправдано враќањето на евтината дневна тарифа за струјата?
Владата најави дека се прават пресметки за враќање на оваа тарифа со образложение дека домашното производство на електрична енергија од октомври лани до јануари годинава е на завидно ниво и така ќе продолжи и во текот на годината. Во плановите е вклучено и производството на електраните од обновливи извори на енергија. Дополнително во Владата, барем така изјави министерот за економија Крешник Бектеши, се размислува и за враќање на стапката на ДДВ за струјата на 5 отсто од 1 јули.
Граѓаните се задоволни што ќе можат и преку ова да ги намалат сметките кои им пораснаа со новата цена на струјата.
Експертите велат дека ефектите од ваквата мерка нема да бидат големи и дека дополнително ќе го оптоварат ЕСМ, односно домашното производство кое се користи за снабдување на граѓаните и малите фирми, како и за балансирање на мрежата, а граѓаните секако ќе ја платат оваа струја преку државниот буџет и субвенционирањето на разликата на понудената струја за универзалниот снабдувач и онаа која владее на пазарот.
Според нив, во меѓувреме ќе треба да се размислува и за отплата на кредитите со кои ЕСМ се задолжи кај финансиски институции во странство.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски деновиве изјави дека е можно враќање на дневната евтина струја од 14 до 16 часот, но прво да заврши зимата и да се види домашното производство на струја.
– Прво да видиме како ќе заврши оваа грејна сезона, да го видиме производството на ЕСМ, да видиме како оди набавката на електричната енергија, па понатаму ќе размислуваме за сите можни опции што ги имаме. Имаме позитивни трендови, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што, имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја – рече Бислимоски.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека ова е добра опција за нив бидејќи ќе ги намали сметките за струја, но спорен периодот во денот во кој треба да ја користат струјата.
– Некако се навикнавме да имаме евтина струја преку ден и тоа е добро, но проблематично ќе биде ако повторно се воведе ваква струја во периодот од 14 до 16 часот. Во овој период сите се на работа бидејќи фирмите веќе не работат од 7 до 15 часот, туку од 9 до 17 часот и повеќе. Така што оваа привилегија ќе можат да ја користат само пензионерите и оние кои се без работа или работат од дома. Мислам дека и одговорните за оваа одлука треба да размислат за друг термина на евтина тарифа – вели скопјанка.
За Спиро Мавровски, поранешен раководител во РЕК Битола, опцијата да се врати дневната евтина струја ќе ја влоши и онака лошата ситуација во која се наоѓа нашиот електроенергетски систем кој се потпира на термоелектраните.
– Се смета дека во периодот од 14 до 16 часот оваа струја ќе ја користат сите домаќинства, што во практика не е така бидејќи променето е работното време на компаниите. И да е така во тој период ќе има зголемената потрошувачка на струја која ќе треба да се балансира, а кој ја балансира сега мрежата – термоелектраните со зголемено производство. Ако тие се надвор од системот, како што често се случува поради испади или поправки и ремонти, тогаш треба да се вклучат хидроелектраните што, пак ќе биде ризик, ако се знае дека акумулациите кои се користат за нивна работа, поради сушата може да бидат и испразнети па да нема резерви за зима. Опција ќе биде да се увезе струја, која не се знае по која цена ќе биде. Дополнително во ноќните часови произведените вишоци ЕСМ ќе ги продава по пониска цена на струјата од онаа што претходно ја увезла за покривање на евтината дневна тарифа бидејќи ноќе има помала побарувачка на струја. И така се ќе се врти околу субвенционирањето од буџетот на државата. Но да бидам јасен како и да биде со или без дневна евтина струја граѓаните неа ќе ја платат, ако не директно од џебот, тогаш индиректно преку буџетот од кој се субвенционира ЕСМ – појаснува Мавровски.
Мавровски ја смета за популистичка оваа мерка на Владата, бидејќи веќе наесен ќе треба да се укине.
Експерти исто како предупредуваат дека Владата во меѓувреме ќе треба добро да размисли и за тоа дека треба да се отплаќаат земените кредити на ЕСМ, а опцијата за субвенционирањето на цената на струјата ќе биде помала со оглед дека економијата нема да може толку лесно да ја полни државната каса.
– Последниве години цената на струјата за домаќинствата се зголеми за незначителен процент, споредено со цените на електричната енергија на пазарите во Европа. Тоа немаше да биде реализирано ако не беа издвоени по 150 до 200 милиони евра за директно субвенционирање од страна на државната каса. Во овој период се земени и кредити за да се обезбеди нормално функционирање на производните капацитети – термоелектраните и хидроелектраните, а тоа треба некој да го плати – велат тие.
Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ вели дека од враќањето на евтината дневна тарифа корист ќе имаат потрошувачите, но не и нашиот најголем производител на струја ЕСМ.
– Добро е за граѓаните бидејќи дел од она што го издвојуваат за државната полнење на државниот буџет некако ќе се врати кај нив. Но добро е и да се користи и намалена стапка на ДДВ за струјата или целосно да им се враќа. Мислам дека проблематичен е периодот во кој се планира евтината тарифа од 14 до 16 часот. Треба да се размисли и за други опции 15:30 до 17:30 часот или од 16 до 18 часот. Што се однесува до ЕСМ позната е состојбата на производството, а субвенционирањето на разликата на цената ќе остане и натаму, едно како опција за обезбедување социјален мие, а друго како извор за корупција – вели Ненов.
Тој смета дека усогласувањето на евтината дневна тарифа за струјата може да се врши и со производството на соларните електрани, односно тоа да биде сезонско, но притоа е важно да се направи добра анализа колку тоа ќе биде прифатливо и оправдано.
Владата и Регулаторната комисија за енергетика, имаат доволно време да направат добра анализа на исплатливоста на една ваква мерка.