По тажната вест што осамна утрово за смртта на 47-годишниот новинар Саше Димовски, одличен познавач и хроничар на состојбите во правосудството, неговите колеги и пријатели во објавите во медиумите и на социјалните мрежи се простуваат од него.
Саше Димовски боледуваше од дијабетес, по што му беше ампутирана ногата, а имаше и други здравствени компликации. И покрај тоа, работеше неуморно. Беше претседател на Совет на чест на ЗНМ, а неодамна беше именуван во Комисијата за помилување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Редакцијата на Плусинфо изразува сочувство до неговите најблиски за прераната смрт на новинарот, кој важеше за човек приврзан кон највисоките професионални и етички стандарди на журнализмот.
Во продолжение, објавуваме дел од реакциите на неговите колеги и пријатели.
Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат:
Нè напушти другар.
За неговите професионални новинарски достигнувања, способности, знаења, умеења и интегритет ќе оставам да кажат колегите и сигурна сум дека ќе го опишат Саше онака како што јас никогаш не би можела.
Но, мене ме напушти другар. Кој секогаш креваше телефон, кој секогаш беше тука ако треба, со кој сме имале бескрајни разговори и смеење.
За неговиот сарказам, отвореност, аналитичност, бескомпромисност, инсистирање за следење на законот и етиката, ќе зборуваат долго и неговите пријатели и неговите непријатели.
Мене ќе ми фали другар.
Ќе ми фалат пренковите кои им ги правеше на нашите вработени на телефон, ќе ми фалат меѓусебните зафрканции за трчањето и неговиот недостаток, ќе ми фали неговиот смисол за хумор, пред се, на своја сметка.
Во правосудни кругови, додека јас имам кариера, ќе се зборува за Саше, зошто пред него немало, а после него нема да има таков човек. За тоа дека загубивме „гугл“ на „тајните“ врски во судството ќе оставам сите да осетиме празнина. И ќе осетиме.
Јас ќе бидам тажна за другарот Саше.
Последниот муабет го завршив со – Еј Саше, вака до 101… морам да работам, ајде! Ајде.
Ајде Саше.
Светол пат.
Телевизија 24:
Почивај во мир Саше Димовски, што и да се напише за тебе и за твојата работа и придонес за јакнење на професионалното новинарство и бескрупулозноста кога е во прашање вистината и објективното информирање, ќе биде премалку. Владеењето на правото ,,изгуби” верен борец новинарството вреден и посветен колега од кој можеше да се научи многу.
Катарина Синадиновска, поранешен претседател на Советот за етика на медиумите во Македонија:
Светол пат, драг! Нѐ смрзна сите оваа ужасна вест. Ти оставаш зад себе планина и од тага и од дела.
Ели Пешева, агенција Њу Момент:
Ќе ми фалиш другариште ни едно. Една цела енциклопедија на смешки, судски приказни, новинарски драми, се затвора со тебе. Уште долго нема да има друг толку принципиелен и информиран како што беше ти. Почивај во мир драг мој Саше, објави Ели Пешева.
Александар Методијев, Дојче Веле:
Почивај во мир Саше. Каква грозна вест. Нема никој да го замени во неговото познавање на судството. Јас нема никогаш да заборавам колку ми помогна пред едно вклучување во живо на вести на Канал 5. И нема да заборавам како на смеа си ги кажуваше проблемите со кои се соочуваше. Нема да заборавам и дека се бореше со еден, па друг здравствен проблем, без потклекнување на првиот проблем и до последно. Нека е пример за сите како треба.
Срѓан Ивановиќ, новинар:
Со штотуку наполнети 19 години редакцијата ми изгледаше како сцена од здодевен филм. Нељубезни и нервозни фраери и амбициозни женски. Професионална просечност и ендемска неталентираност, ама и злобност, гордост и надменост. Ужас.
На само едно од лицата можеше да се пронајде љубезност, искреност и добар хумор. Затоа и се заебававме до бескрај. Башка за копје беше подобар од останатите новинари.
Царство небесно Саше.
Горан Момироски, новинар:
Укажи им и горе на сите кога грешат како што тоа го правеше овде долу храбар човеку. Македонија загуби критичар и голем човек. Чест ми е што те познавам.
Сочувство до семејството на Саше Димовски.
Вечна слава!