Германија ја презеде сопственоста на германската филијала на рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“.
Потегот уследи откако Министерството за економија дозна дека „Палмари“ и „Гаспром експорт бизнис сервис“ го купиле „Гаспром Германија“ – но не е јасно кој е сопственик на двете компании.
Германското Министерство за економија го оправда преземањето со образложение дека не дало дозвола за купување на „Гаспром Германија“. Според Министерството, дозвола е потребна доколку инвеститорите не се од Европската Унија и ако се работи за „критична инфраструктура“, пишува Business Insider.
– Федералната влада го прави она што е неопходно за да ја поддржи безбедноста на снабдувањето во Германија. Ова, исто така, вклучува и неизложување на енергетската инфраструктура на Германија на произволни одлуки на Кремљ. Мора да се обезбеди правилен бизнис во Германија – изјави министерот за економија Роберт Хабек.
Тој рече дека филијалата на „Гаспром“ до 30 септември ќе биде под старателство на Федералната мрежна агенција, главниот германски енергетски регулатор. Сепак, тој не прецизираше што ќе се случи по тој датум, оставајќи нејасно како германската влада планира да продолжи со компанијата.
Минатата недела деловниот весник Handelsblatt објави дека Германија размислува за национализација на единиците на „Гаспром“ и „Роснефт“ во земјата.
Руски „Гаспром“ минатата недела објави дека ќе го прекине учеството во подружницата на „Гаспром Германија“, со продажба на сите средства од компанијата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека секоја национализација на руски компании од страна на Берлин „сериозно ќе го прекрши меѓународното право“, сметајќи дека е „неприфатливо“.
Војната на Русија во Украина ја зголеми загриженоста за енергетската безбедност на Германија. Минатата недела Германија активираше итен план за решавање на прекините во снабдувањето со природен гас, откако рускиот претседател Владимир Путин побара плаќање во рубљи и се закани дека целосно ќе го прекине рускиот гас за Европа.