Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, објави дека го номинирал поранешниот генерал Кит Келог за свој специјален пратеник за конфликтот меѓу Украина и Русија, објави Асошиејтед прес.
„Кит имаше истакната кариера во војската и во бизнисот и служеше во многу чувствителни улоги за национална безбедност во мојата прва администрација. Тој беше со мене од самиот почеток! Заедно ќе обезбедиме МИР НИЗ СИЛАТА и ќе ги направиме Америка и светот БЕЗБЕДНИ ПОВТОРНО“, објави Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.
За потсетување, Трамп вети брз крај на руската војна во Украина, користејќи ги односите со украинскиот лидер, Володимир Зеленски, и рускиот претседател, Владимир Путин.
Тоа предизвика загриженост кај поддржувачите на Киев дека новоизбраниот претседател ќе бара брз договор што ќе им ја отстапи украинската територија на Русите или ќе ја загрози нејзината идна безбедност.
Медиумите претходно објавија дека планот на Келог му е да стави крај на војната, да го замрзне борбениот фронт и да ги принуди двете страни да преговараат.