Контроверзниот банкар Чедомир Радомировиќ е човекот што беше пронајден застрелан синоќа, а кој подоцна им подлегнал на повредите на скопските клиники, потврди извор од МВР за Плусинфо.
Како што вели нашиот извор сопственикот на фирмата Техноком и основачот на Радо банка синоќа со повреди на главата е пронајден покрај кола кај селото Орман, а покрај него имало пиштол и чаура. Засега нема информации дали некој друг е вмешан или се работи за самоубиство.
Според информациите од МВР кои ги потврдија за Плусинфо, лицето е пронајдено кај магистралата кај село Орман (општина Ѓорче Петров) во близина на магацините на Министерството за внатрешни работи.
Кога бил пронајден Радомировиќ давал знаци на живот и со итна помош бил пренесен на скопските клиники, но таму им подлегнал на повредите.
„Вчера во 18.50 во село Орман до паркирано возило „Лексус“ со скопски регистерски таблички е пронајдено машко лице кое крварело во пределот на главата, а покрај него имало пиштол и чаура. Утврдено е дека станува збор за Р.Ч.(67) . Со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар Мајка Тереза каде им подлегнал на повредите. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, се вели во официјалното соопштение од МВР.
Инаку, бизнисменот Чедо Радомировиќ или по ново Чедо Радо (откако пред неколку години се откажа од македонското државјанство и зема холандско, по што го скратил презимето) во минатото беше сопственик на сега веќе пропаднатата Радо банка.
За потсетување, Радомировиќ во 2003 година ја продаде Радо банка на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини која подоцна пропадна под чудни околности. Преку оваа банка беа реализирани и кредитите за компаниите од една милијарда долари од Тајван кои ги донесе Васил Тупурковски.
Тој исто така е еден од првите финансиери на ВМРО-ДПМНЕ и близок пријател на Борис Змејковски тогаш висок функционер во партијата.
Во 2005 година Радомировиќ беше уапсен поради вмешаност во пирамида, во друштво на 10 даночни затајувачи. Негова беше и градежната фирма Македонија Инвест.