Гостиварскиот обвинител Ислам Абази, новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, на местото на досегашната шефица Вилма Русковска, е жива мистерија за јавноста.
Пред изборот тој воопшто не комуницираше со медиумите, не даваше изјави, не водеше кампања, ниту пак презентираше своја програма за тоа што и како планира да работи во ова важно и чувствително обвинителството. Абази е единствен од четворицата кандидати кој не сакаше да комуницира со медиумите, кои во изминатиот период се обидеуваа да воспостават контакт со него. Не одговарал на телефон, не давал изјави, ниту пак се појавувал на дебати. Од него дури нема слика ниту биографија на сајтот на Вишото јавно обвинителство Гостивар, коешто го водеше до денеска.
Негова биографија пред себе ја немаа ниту членовите на Советот на јавни обивнители, кои во најголем дел гласаа за него. Иако без план и програма, најголем дел од обвнителите (66 од вкупно 160) оцениле дека тој е најсоодветен да ја раководи борбата со организираниот криминал и корупцијата во државата.
Правници што го познаваат, велат дека Абази како правник на почетокот на својата карира работел во Агенцијата за цивилно воздухопловство, а обвинителската кариера ја почнал како стручен соработник во кичевскиот суд. По неколку години е унапреден во Вишото гостиварско обвинителство, а подоцна, во 2018 година, станал и шеф на ова обвинителство. Наводно, бил предложен од Академијата за судиии обвинители.
Станува збор за обвинител родум од Зајас, родното место на Али Ахмети, лидерот на ДУИ. А во ова село и во Кичево е и имотот што го има пријавено во своите два анкетни листови, еден кога станал јавен обвинител, и еден кога станал виш јавен обвинител. Како негов личен имот е наведен стан од 105 метри квадратни во Кичево и Ауди А6. Овој имот е купен во 2019, една година откако е избран за шеф на Вишото обвинителство.
Според неговиот прв анкетен лист, што тој го пополнил во Антикорупциската комисија кога првпат дошол на јавнообвинителската функција, може да се види дека располагал со куќа во селото Зајас, кичевско од 1998 година, за која е наведено дека е имот на неговите родители. Абази од 1985 година имал стан во Кичево вреден околу 30 илјади евра, исто така имот на родители. Во 1999 година возел „фолксваген голф“ вреден околу 5.000 евра. Абази имал и кредит, на сума од 250 илјади денари, кој го зел во 2009 година и го отплаќал 4 години.
И сопругата на Абази е вработена во правосудството, на Академијата за судии и јавни обвинители и се очекува наскоро да конкурира за обвинителка или за судија во прв степен.
Абази е прв обвинител за организиран криминал кој е избран од колегите на директно гласање по новите законски одредби. Тој доби 66 гласови од вкупно 160 обвинители кои можеа да гласаат. На второ место, со 64 гласови или два гласа помалку, заврши скопскиот обвинител Ермон Незири. Кандидатките Вилма Русковска, досегашна шефица на ОЈО за организиран криминал и колешката Деса Пауновска добија 14, односно само 10 гласови, од сите 163 обвинители во Македонија.
Меѓу првите кои му го честиташе изборот на Абази, беше заменик министерот за правда Агим Нухиу кој на својот фејсбук-профил напиша дека очекува брзи и конкретни резултати во борбата против корупцијата.
Коментар даде и лидерот на Левица Димитар Апасиев: „Која иронија… На денот на ‘лидерската’, ДУИ им го зеде и Обвинителството за организиран криминал! Велемајсторски“.
Новоизбраниот шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за денеска најави прес конференција во Скопје.