Златото во екот на годинава што изминува привлече големо внимание кај инвеститорите. Неговата цена порасна за речиси 30%.
Цената на златото расте во последните години поради привлечноста на неговите главни карактеристики – складирање на вредноста, функцијата на резервната валута и безбедно засолниште за време на нестабилноста на пазарот.
Само во 2024 година (до средината на декември) цената на златото порасна за околу 30% на годишно ниво. Побарувачката беше силно поттикната од купувањата на централната банка (главно на пазарите во развој) кои продолжија во 2024 година.
Во првите три квартали од оваа година, централните банки купија помалку злато отколку пред една година, но сепак зголемен износ во споредба со трендот пред 2022 година, но во октомври продолжија да ги полнат резервите од злато, а се очекува трендот да продолжи и следната година.
Инвестициската побарувачка на овој метал годинава ја поттикнаа геополитичките ризици и остри флуктуации на бројните регионални финансиски пазари.
Но, според експертите, и покрај зголемениот интерес за купување на злато понудата е многу ограничена.
Според податоците на Светскиот совет на злато во 2023 година се произведени речиси 3.700 тони злато во светот. Ова е највисок производствен капацитет во изминатите 5 години.
Сегашната проценка е дека во подземните резерви останале околу 57.000 тони злато. Тоа значи дека, хипотетички, ако производството продолжи со ова темпо, и ако не најдеме нови резерви, би го ископале целото преостанато злато во светот за само околу 15 години.
Голем број земји произведуваат злато, но 5 земји произведуваат повеќе од 30% од годишната понуда на злато.
1.Кина е најголемиот производител на злато во светот, секоја година од кинеските рудници се извлекуваат околу 370 тони од овој благороден метал, кои потоа се преработуваат и користат за инвестициски и потрошувачки цели. Меѓутоа и културата на подарување злато во Кина е огромна, тешко е да се најде кинеска прослава без злато како подарок.
Покрај тоа, Кинезите инвестираат големи суми пари во злато, не само поради традицијата, туку затоа што кинеските поединци претпочитаат побезбедни и постабилни инвестиции.
Поради оваа голема побарувачка, Кина е и најголем потрошувач на злато секоја година, само во првите 9 месеци од оваа година Кинезите купиле повеќе од 740 тони злато.
2.Вториот најголем производител на злато во светот е Руската Федерација, која секоја година произведува околу 320 тони злато. Покрај самото производство, акумулацијата на златни резерви е една од алатките што руската централна банка ги искористи за да го намали влијанието на западните санкции врз нејзините девизни резерви.
3. Австралија е трета. Оваа земја произведува околу 290 тони злато секоја година. Австралија е историски позната по производството на злато и со децении е главен извор на најчистото злато за британската кралска ковачница. Австралиските производители и денес испраќаат злато во Британија за да се преработи во прачки и монети. Австралија, исто така, произведува злато и монети преку Ковачницата во Перт. Австралија е општо позната по изобилството на природни ресурси што ги експлоатира.
4. Канада е четврта на листата, со производство на околу 190 тони злато секоја година. Кралската канадска ковачница е светски позната и по своето висококвалитетно злато, а златникот од канадски јаворов лист со ликот на актуелниот крал на Британија Чарлс е еден од најбараните златници во светот.
5.САД се петти по големина производител на злато во светот и секоја година во оваа земја се произведуваат околу 165 тони злато. Америка е и еден од главните финансиски пазари за злато, каде што берзата се тргува со „хартиено злато“.
Податоците на Светскиот совет за злато за 2023 година покажуваат и дека нето-откупот на злато на централните банки изнесувал вкупно 1.037 тони. Банките според овие податоци поседуваат околу 36.700 тони злато.
Кина кој произведува најмногу злато е и најголем купувач на овој благороден метал во 2023 година. Народната банка на Кина во 2023 година официјално објави зголемување на резервите на злато за 225 тони. Кинеската централна банка сега поседува 2.235 тони злато, што ја прави шестата по големина држава во светот според официјалните резерви на злато.
Полска беше вториот најголем купувач на злато во 2023 година. Помеѓу април и ноември, полската централна банка купи 130 тони злато, зголемувајќи ги златните резерви за 57 отсто, на 359 тони..
Други купувачи на злато во 2023 година беа Сингапур, Чешка, Ирак, Индија и Филипините.