Поривот да се напиете чаша вода кратко време откако ќе изедете вреќа чипс, чинија пуканки или грст кикирики е јасен знак дека вашиот оброк бил солен, што не е нужно лошо.
Кујнската сол, позната и како натриум хлорид, содржи околу 40 проценти натриум, суштинска хранлива материја. Ако се јаде во мали количини, натриумот помага во спроведувањето на нервните импулси, ги собира и релаксира мускулите и ја одржува рамнотежата на водата и минералите. Недостатокот на сол може да доведе до грчеви во мускулите, гадење, замор и вртоглавица.
Сепак, консумирањето повеќе од 6 грама сол дневно, што е околу една кафена лажичка, може да биде штетно за нашето здравје. Високиот внес на сол ја нарушува природната рамнотежа на натриум во телото, што може да резултира со висок крвен притисок. Хипертензијата е состојба во која крвниот притисок останува покачен со текот на времето, што може да го зголеми ризикот од болести на срцето и крвниот систем.
Освен ако внимателно не ги прочитате нутритивните вредности наведени на пакувањата на храната што ја консумирате, може да биде проблематично да откриете колку сол јадете дневно. Ако се сомневате дека јадете премногу сол, ова се четирите знаци.
Главоболка
Дехидрацијата предизвикана од прекумерно внесување сол може да доведе до сериозни главоболки. Овие главоболки обично се болни и даваат чувство на пулсирање. Тие се јавуваат еден или два часа по јадење, бидејќи нивото на натриум во телото се зголемува. Можете да се ослободите од нив со пиење вода.
Отечени раце и стапала
Отекувањето на прстите, зглобовите, глуждовите или стапалата може да биде задоцнета реакција на скокот на натриум во телото. Имено, кога консумираме премногу сол, телото го задржува вишокот на натриум и ја зголемува количината на течност надвор од клетките. Ова предизвикува намалена функција на бубрезите и го зголемува крвниот притисок.
Висок крвен притисок
Солта е најчеста причина за висок крвен притисок. Во рок од само 30 минути, конзумирањето на вишок сол ќе има физичка реакција на крвните садови. Високиот крвен притисок или хипертензија може да го зголеми ризикот од сериозни проблеми како што се срцев удар и мозочен удар доколку не се лекува.
Често мокрење
Прекумерната жед е вообичаен одговор на јадење солена храна и природно доведува до зголемување на потрошувачката на течности, предизвикувајќи прекумерно мокрење. Со испраќање на сигнал дека ви требаат многу течности, телото се обидува да го отстрани вишокот насобрана сол.