Светски познатата платформа за патувања, „Лонли планет“ (Lonely Planet) објави топ-листа на некои од најубавите езера во Европа, а од нив, четири се на Балканот – по две во Хрватска и во Словенија.
„Морските брегови и прекрасните плажи во Европа привлекуваат големо внимание лете, но не треба да се занемарат ниту езерата на континентот. Италија може да се пофали со прекрасни езера опкружени со планини, а и езерата во Хрватска и во Англија се вистинска сензација. Без оглед на тоа дали сакате да пливате или само да се опуштите, Европа има доволно езера за секоја авантура“, се вели во написот.
На списокот се наоѓаат двете солени езера на островот Мљет – Мало и Велико Езеро, а во близина се и островот Света Марија, Националниот парк Мљет, како и познатиот Дубровник. На списокот се најдоа и Бледското и Бохињското Езеро во Словенија.
Топ-листата ги посочува и езерата Лаго ди Левико и Лаго ди Калдонацо (Италија), Езерото Гарда (Италија), Констанца (Германија, Швајцарија, Австрија), Анеси (Франција), Сен Кроа (Франција) и Батермер и Крамок Вотер (Англија).