Првиот топлотен бран годинава кој кај нас започна на 10 јули и сè уште трае, донесе досега незамисливи температури низ Европа, Азија и Северна Америка.
Во пустинската долина на смртта (Death Valley) во Источна Калифорнија (САД) во неделата (16 јули) биле измерени 53,3 °C. Тоа не беше најтоплиот ден на светот забележан досега, но беше многу блиску до тоа.
Истиот ден во провинцијата Ксинџијанг на истокот на Кина се измерени 52,2 °C.
Градот Феникс (Аризона, САД) го собори рекордот со 19 последователни денови со температури над 43°C, а прогнозата укажуваше на повеќе такви денови, со неколку ноќи со температури кои не паднаа под 32°C.
Земјата веројатно ја има најтоплата недела во модерната историја.
Комбинација на температурата и влажноста на воздухот
Како што се менува климата, топлотните бранови стануваат сè помоќни. Траат подолго, почести се и имаат сè повисоки температури.
Така, се поставува прашањето: „Кога станува премногу жешко за нормални дневни активности, дури и за млади, здрави возрасни луѓе?“.
Експертите тврдат дека одговорот не лежи само во температурата, туку и во влажноста на воздухот.
Комбинацијата од топлината и влажноста го зголемуваат ризикот за луѓето, а комбинацијата станува опасна на пониски нивоа отколку што претходно мислеа научниците.
Кога телото ќе се прегрее, срцето мора посилно да пумпа крв кон кожата за да ја олади, а ги губи телесните течности преку потење. Во најлошите случаи, продолжената изложеност може да резултира со топлотен удар, состојба која е потенцијално опасна по живот и бара итно и брзо ладење и медицинска помош.
Според студија од 2010 година, горната граница на безбедност (по што човечкото тело повеќе не може да се лади со испарување на потта од површината на телото за да се одржи стабилноста) е 35°C при 100% влажност или 46°C при 50% влажност.
Оваа граница неодамна беше тестирана на луѓе во контролирани услови. Резултатите покажуваат уште поголема причина за загриженост!
Нова студија
Експертите од Универзитетот Пен Стејт (САД) тестирале млади и здрави мажи и жени во лабораторијата Нол за да искусат високи температури под контролирани услови.
Секој учесник проголтал мала пилула која континуирано ја следела нивната внатрешна телесна температура. Тие потоа седеле во комората, движејќи се полека за да симулираат минимални дневни активности како што се туширање, готвење и јадење.
Научниците постепено ја зголемувале температурата или влажноста на комората во стотици одделни експерименти и следеле како телесната температура на испитаниците почнува да расте.
Таа комбинација на температура и влажност при која телото почнува континуирано да ја зголемува температурата се нарекува „критично надворешно ограничување“.
Под овие граници, телото може да одржува релативно стабилна температура долги периоди. Над овие граници, температурата постојано расте зголемувајќи го ризикот од болести поврзани со топлина при долготрајна изложеност.
Експертите заклучиле дека горната граница за здраво функционирање на телото е: 31°C при 100% влажност на воздухот или 38°C при 60% влажност на воздухот.
„Имајте на ум дека овие прагови важат само за одржување на нормална телесна температура. Дури и пониските температури и влажноста на воздухот можат да создадат стрес за срцето и другите телесни системи“, заклучуваат научниците.