Како што предупредивме и претходно кога објаснувавме кој е Бујар Османи, дојде време да се откриваат неговите корупциски скандали, но и политичките ставови што ги искажуваше во минатото, соопшти албанската опозиција ВРЕДИ.
„Многу греши ако мисли дека се заборавени и дека сега никој нема да се сеќава што направил и што рекол. Всушност, некои од неговите постапки никогаш нема да бидат заборавени. Денеска се потсетуваме на неговите непростливи ставови за таканаречениот случај ‘Монструм’, случај кој за жал и до ден денес нанесе неизлечливи рани. Тоа време, овој Бујар Османи – во улога на портпарол на ДУИ, се појави пред камерите и без трошка срам, без воопшто да поцрвене и без грижа на совест, ја измами целата јавност. Така, на прашањето ‘Каде е еден од обвинетите во случајот, Хаки Хазири’, тој рече: ‘Нашите информации велат дека не е во ниту една државна институција, тој контактира со семејството и по своја волја е исчезнат’. Ова беше скандалозна изјава, бидејќи многу брзо се дозна дека Хаки Хазири бил задржан од органи на тајните служби во тајни институции и кон него се извршил притисок да соработува и да биде сведок во случајот наречен ‘Монструм’. Додека она што следеше подоцна е поглавје само по себе, за кое ДУИ дефинитивно еден ден ќе треба да даде одговорност“, соопшти ВРЕДИ.
Меѓутоа, наведено е таму, прашањето што се поставува е: „Може ли да му веруваме на овој човек кој за ниски лични интереси продава се национално и се осмелува да мами без да поцрвене?“.
„За среќа, Албанците не забораваат. Затоа, дојде време луѓето инкриминирани во антинационални постапки, да бидат казнети преку гласање, како најдобар инструмент за одвојување на измамникот од чесниот“, се вели во соопштението.