Во Франција денеска се одржува вториот круг од парламентарните избори, на кои се предвидува победа на екстремната десница, но со недоволно мнозинство за формирање влада.
Евроскептичната, антиимигрантска партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен беше најуспешна во првиот круг од изборите со освоени над една третина од гласовите, што го отвори патот за првата француска екстремно десничарска Влада по Втората светска војна.
Но, поради специфичноста на францускиот изборен систем, првиот круг не е одлучувачки, Франција е поделена на 577 изборни единици и во секоја се избира по еден претставник. За влез во парламентот во првиот круг потребно е апсолутно мнозинство гласови. Инаку, во вториот круг влегуваат сите кандидати кои ќе освојат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.
Во првиот круг беа избрани само 76 претставници, а во сите други единици во вториот изборен круг требаше да се водат четворобои, тробои или двобои. Системот, сепак, им овозможува на партиите од центарот, левицата и либералите тактички да се договорат и да го остават во трка само кандидатот кој има најдобра позиција да победи против кандидатот на РН, а другите да ги повлечат и со тоа да го спречат трошењето на гласови.
Бидејќи „мејнстрим“ партиите успеаја да се договорат за заеднички настап против РН, анкетите предвидуваат дека бројот на екстремно десничарските претставници ќе биде помал од првично очекуваниот. Марин Ле Пен не се откажува и тврди дека „републиканскиот фронт“ на главните партии покажува презир кон нејзините гласачи и затоа ги повикува масовно да излезат и во вториот круг од изборите.
– Се добива впечаток дека сето ова е дизајнирано да ги демотивира нашите гласачи. За среќа, ги познавам и знам дека се многу мотивирани, па им велам „одете и гласајте“, рече Ле Пен за радио Европа 1 и ТВ CNews. „Ни требаат сите“ – нагласи таа.
Сепак, партијата на Марин Ле Пен има поголема поддршка од кога било досега, а одлуката е на гласачите.
Проекциите на анкетите сугерираат дека РН веројатно ќе има најмногу места во следното Национално собрание, што би било првпат по Втората светска војна, но дека е малку веројатно да има апсолутно мнозинство од 289 места.
Различни анкети предвидуваат дека РН ќе освои од минимум 175 до максимални 230 места во парламентот.
Доколку РН добие апсолутно мнозинство, Макрон би го назначил Џордан Бардела, претседател на РН, за нов премиер на Франција, што би довело до „кохабитација“ на претседател од една политичка струја и премиер од друга.
Претседателот е ослабен за време на „кохабитацијата“, но сепак има одредени овластувања во областа на надворешната политика, европските прашања и одбраната и е одговорен за преговарање и ратификација на меѓународните договори.