Унгарскиот премиер Виктор Орбан сè уште блокира 50 милијарди евра помош за Украина од ЕУ, но на вчерашното гласање на земјите во врска со тоа дали Украина и Молдавија треба да ги отпочнат преговорите со Унијата Орбан наеднаш излегол оставајќи им простор на останатите 26 членки да го донесат судбносното „да“, кое потоа беше наречено историско.
Тројца функционери од ЕУ за бриселскиот медиум Политико откриваат дека се работи за кафе-пауза која германскиот Олаф Шолц му ја предложил на Орбан. „Испиј кафе надвор од собата“, наводно му рекол Шолц на својот унгарски колега. Според Политико Шолц ова му го кажал на Орбан пред неколку други колеги насобрани на самитот во Брисел во четвртокот.
Идејата, рекол Шолц, ќе им овозможи на 26-те лидери на ЕУ кои останаа да го одобрат патот на Украина за пристап со потребното едногласност – за што правилата на ЕУ велат дека исто така се исполнува ако еден лидер е отсутен – додека Орбан сè уште може да каже дека не гласал „за“.
Со кафе-паузата на Орбан завршила неколкучасовната неизвесност. Политико пишува и дека ова е прв поголем потег на Олаф Шолц во преговарањето, коментирајќи дека германскиот канцелар ни оддалеку не ги поседува вештините на неговата претходничка Ангела Меркел.
– Тој употреби стар трик од неговото време со младите социјалисти – рече еден функционер на самитот на ЕУ, мислејќи на младинската организација на Социјалдемократската партија на Шолц (СПД) во која канцеларот служеше како заменик-претседател во текот на 1980-тите. Функционерот, како и другите цитирани, доби анонимност за да зборува за тековните дискусии на самитот на ЕУ.
Еден службеник за Политико рекол дека Орбан веќе почнал да се колеба во врска со гласањето за време на оброкот кој го имале заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Лидерите го убедувале Орбан во неколкуте часа пред гласањето. Орбан се мачел да обезбеди аргументи во Украина нема владеење на правото, дека Комисијата која го оценува напредокот на реформите згрешила и дека затоа земјата не треба да ги отпочне преговорите. Но, тоа не звучело веродостојно бидејќи токму Орбан го предложил Оливер Вархеји за комесар за проширување на Унијата.
– По неколку часа во кои другите 26 лидери ги отфрлија сите аргументи на Орбан, Шолц дојде токму во вистинско време со својот предлог. Тоа добро ни дојде – рече еден дипломат на ЕУ.
Но, откако лидерите на ЕУ ја објавија одлуката за отворање на пристапните преговори, Орбан преку објава на Фејсбук рече:
„Унгарија не сака да биде дел од оваа лоша одлука!
За тоа време, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прослави најавата на Икс, велејќи: ,
„Му благодарам на канцеларот Шолц за неговите лични напори и на Германија за нејзиното лидерство“.
Полни со пофалби беа и проукраинските извештаи за Икс, кои во минатото го навредуваа Шолц поради неговото долго колебање да ја поддржи Украина со оружје.
„Извини за сите времиња што те исмејувавме Олаф“, напиша блогерот Сент Џавелин. „Ти си вистински пријател“.