Нападот на Хамас врз Израел е фундаментален напад врз светскиот поредок, Европа треба да го поддржи Израел, изјави поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер.
Кисинџер е роден во Германија, од каде тој и неговото семејство побегнале од нацизмот во 1938 година. На прашањето како се чувствува кога видел некои Арапи на улиците на Берлин како го слават нападот на Хамас врз Израел, тој рече дека тоа е болно. Масовната имиграција беше тешка грешка, изјави 100-годишниот Кисинџер во интервју објавено на порталот Политико.
– Беше голема грешка да се пуштат толку многу луѓе од сосема различни култури, религии и вредносни системи, истакна поранешниот американски државен секретар, бидејќи тоа создава група на неистомисленици во секоја од овие земји што создава притисок – резонира Кисинџер.
„Отворениот акт на агресија“ на Хамас мора да се соочи со казна, нагласи тој.
– Делумно, ова е последица на тоа што Хамас мисли дека со поддршка на соседните земји и со неактивноста на другите, вклучително и Европа, може да направи такво нешто без да трпи страшни последици – изјави Кисинџер.
Тој предупреди на потенцијалот за опасна ескалација во регионот. На прашањето која е, според него, главната цел на Хамас кога нападна, тој одговори дека тоа е да го мобилизира арапскиот свет против Израел. Тој предупреди на опасноста од Иран и акумулацијата на оружје во Либан што може да се користи против Израел.
Конфликтот на Блискиот Исток носи опасност од ескалација и вклучување на други арапски земји под притисок на нивното јавно мислење, истакнува Кисинџер, потсетувајќи на лекциите научени од Јом Кипурската војна од 1973 година, за време на која арапската коалиција предводена од Египет и Сирија го нападна Израел.
– Тогаш светот имаше среќа што имаше арапски лидер со визија за иднината, со кој можеше да се склучи мир – вели Кисинџер, нагласувајќи дека не верува дека Хамас денес има таква личност.
– Сметам дека Хамас мора да биде исклучен од политичката сцена – заклучува искусниот дипломат.