Задолжителен сертификат дека грозјето како производ е платено по фер цена, предлага бизнисменот Кирил Лазаров и вели дека тоа функционира во многу светски земји и светски индустрии. Фер откуп, фер плата за маката и работната рака и фер квалитет, додава тој.
Лазаров се осврнува на проблемите во лозарството и вели дека без искрен, совесен и патриотски пристап лозарството како наш највреден ресурс, се уништвува.
„Експлоатирана е работната рака и маката на лозарите. Без задоволни лозари нема лозарство, а без лозарство нема вино. Лозарството заедно со производството на вино создава околу 15% – 20% од вкупниот земјоделски БДП, и претставува еден од нашите најголеми стратешки земјоделски производи. Потребна е реална и искрена помош од надлежните. Драстично поскапеа струјата, нафтата, работната рака, увозните суровини“, наведува тој на својот профил на Фејсбук.
Според него, недозволиво е цената за откуп да биде под 20 денари за килограм „смедеревка“ и под 25 денари за килограм „вранец“. Сѐ што е под оваа цена е потценување и девалвирање на работната рака и маката на лозарите, смета тој. Своевремено лозарите со својот труд си градеа куќи, а денес едвај врзуваат крај со крај.
Лазаров предлага да се напушти концептот што голем дел од винариите го наметнуваат, а тоа е, како што вели откуп по ниски цени, извозно ориентирани, со производ без додадена вредност, базиран на евтина работна сила на грбот на лозарите или накратко – профит на туѓа мака.
– Не бива така, доста е. Така нема и не може да има квалитет и задоволство кај сите. Во винската индустрија ни треба висок квалитет, суровина, почитувана работна рака и производ со висока додадена вредност. И до кога лицимерие од одредени транзициски профитери кои се сега сопственици на винарии? Најпрво ги купија големите винарници за да ги затворат. Денес се жалат дека немаат профит и имаат потешкотии, а во исто време купуваат скапи недвижности по Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Грција, итн. Истите тие користат ИПАРД фондови за подигнување на нови лозови насади, толчејќи го обичниот лозар со ниски цени, а додека на лозарите не им се достапни ИПАРД фондови. Не е фер! Решение секогаш постои доколку се сака – вели Лазаров.