Земјава годинава може да очекува раст на туризмот од 15 до 20% и тоа благодарение на туристичкиот бум во регионот, велат туристичките работници кои работат на привлекување странски туристи.
Годинава, според нив, за земјава се отвораат повеќе перспективи за дојдовен туризам главно од европските земји, а за најголемата земја на туристи Кина и годинава остануваме затворена земја. Најава на туристи има и од прекуокеанските земји, Африка и Индија.
– Главно имаме туристи од европските земи. Холанѓаните годинава се вратија во земјава. Турците и туристите од регионот стандардно се меѓу најбројните, а со отворањето на авионските линии за Лондон и за Мадрид годинава во поголем број ги имаме Британците и Шпанците. Растечки пазар за нас се и Словачка и Полска од каде што годинава има голем интерес – вели претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) Влатко Сулев.
Туристите од странство, појаснува тој, вообичаено прават тури низ земјава од 3 до 4 дена, но дел од нив остануваат и по една недела па дури и 14 дена.
– Имаме индивидуални семејни посети и мали групи кои доаѓаат во одредени делови од земјата, но има и кружни тури, но и стационирани туристи кои доаѓаат со авионски превоз и минуваат недела во Охрид за кои се организираат и дневни тури за разгледување. Просечно туристите остануваат по 3 до 4 дена, но и по 14 зависно од тоа во каков аранжман се вклучени – вели Сулев.
Тој додава дека земјава ќе има добра туристичка година благодарение на туристичкиот бум во регионот бидејќи државата има слаба промоција, а уште никој не се обидува да го реши проблемот со визите за Кина.
– Покрај ретки примери, како амбасадорката во Словачка која инсистираше и помогна да се подобри соработката со тамошните туристички институции, малку државата се ангажира на промоција. Агенциите за дојдовен туризам сами се оставени да ја промовираат земјата и да носат туристи. И годинава остануваме без кинеските туристи, бидејќи никој не сака да го реши проблемот со визите. За разлика од нас регионот го реши тоа многу едноставно и без страв. Србија и Босна и Херцеговина ги укинаа визите, а Црна Гора издава посебни ваучери за кинеските туристи. Регионот годинава е во центарот на туристичките збиднувања. Албанија се искачи на врвот во Европа, а и другите од регионот бележат висок пораст на туристи, а ние само собираме трошки од тој бум – додава тој.
И Дончо Нацевски од ТА „Арбо травел“ се залага земјава да го реши прашањето со визите и за Јапонија и за Јужна Кореја за да можат да се вратат туристите и од овие земји кои се познати по тоа и дека трошат повеќе.
– Можеме ако не друго да овозможиме визите да се вадат електронски што многу би им олеснило на заинтересираните туристи од овие, но и од други земји од светот, но некако ова прашање бавно оди, а во меѓувреме другите од регионот, посебно Албанија прават напори што полесно да привлечат туристи – вели Нацевски.
Тој додава дека годинава за дојдовниот туризам се и туристите од Словенија кои покажуваат голем интерес за земјава.
– Веќе направивме и мини балканска тура од 10 дена во која словенечките туристи во земјава остануваат речиси половина од времето. Во турата покрај земјава опфатени се Бугарија, Грција и Албанија. Оваа тура очекуваме да добие во интензитет со воспоставување на авиолинијата Љубљана – Скопје. Покрај ова годинава се актуелни и туристите од Австрија, Германија, Франција и Португалија од Европа. Сè позначаен е и интересот на туристи од Бразил, Аргентина и од Еквадор – вели Нацевски.
Нацевски очекува годинава да се приближиме на туристичките бројки остварени во 2019 година, а веќе следната да го достигнеме рекордот од 2019 година.
Годинава се вратени повеќе од авиолиниите за Охрид, а се воспоставени и нови чартер летови за Охрид од Белград, Измир, Лондон – Гетвик и Манчестер, како и од Мадрид. Сето ова ветува добра туристичка сезона.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во првите три месеци од годинава 81.191 странски туристи престојувале во земјава. Тие оствариле 152.204 ноќевања кои ги направиле најмногу во Скопје и во објекти покрај македонските езера. Најбројни биле туристите од Турција, Србија, Грција и од другите земји од регионот, но имало туристи и од Нов Зеланд, Кореја, Јапонија и од Бразил.