Кинеските производители на чипови, погодени од најновите американски извозни ограничувања, најавија забрзување на локализацијата на нивните производни синџири и изразија уверување дека ќе можат да го обноват производството благодарение на претходните напори за складирање опрема.
Овие ограничувања, трети по ред во изминатите три години, се насочени кон опрема за производство на чипови, софтвер и меморија со висок пропусен опсег. Листата вклучува 140 кинески компании, меѓу кои и Naura Technology Group и ACM Research, кои произведуваат опрема за чипови.
Empyrean, компанија позната и како Beijing Huada Jiutian Technology, која произведува алатки за електронска автоматизација на дизајнот (EDA), рече дека санкциите нема значително да влијаат на нејзиниот бизнис. „Компанијата ќе ја искористи можноста да го забрза развојот на локализираните алатки за ЕДА“, се вели во соопштението.
Производителот на чипови, Jiangsu Nata Opto-Electronic Material, изјави за кинеските медиуми дека обезбедил набавки и планира да се префрли на домашни алтернативи, иако не беа објавени детали. Beijing Huafeng Test & Control Technology, која произведува системи за тестирање на полупроводници, рече дека веќе целосно го локализирала својот синџир на снабдување.
Иако кинеските власти ги нарекоа мерките „економска принуда“, пазарот на чипови покажа издржливост, а акциите благо пораснаа на кинеските берзи. Аналитичарите сметаат дека санкциите не се толку строги како што се очекуваше.
„Мерките се насочени кон најслабата точка на кинеската полупроводничка индустрија, која е силно зависна од странска производствена опрема“, рече Мартијн Расер, директор на технолошката аналитичка платформа Datenna. Сепак, кинеските компании веќе го зголемија купувањето на странска опрема, како онаа што ја произведуваат холандската ASML и американската Lam Research.
Податоците на кинеската царина покажуваат дека во првите девет месеци од оваа година тие увезле опрема за производство на чипови во вредност од 24,12 милијарди долари, што е за една третина зголемување во однос на претходната година.
Изненадувањето беше што ChangXin Memory Technologies (CXMT), водечки кинески производител на компоненти за чипови со вештачка интелигенција, не беше вклучен во листата на санкционирани компании. Американската администрација претходно соопшти дека мерките се насочени кон ограничување на способноста на Кина да развива чипови кои би можеле да ги унапредат воените технологии за вештачка интелигенција или да ја загрозат националната безбедност на САД, објави Ројтерс.