Кинескиот претседател Си Џинпинг не му ја дал потребната поддршка на Владимир Путин во врска со војната во Украина и „тоа е извонредно“, тврди поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол на Твитер. Тој сподели клип од состанокот на претседателите во Узбекистан, каде Путин му вели на Си дека Русија „ги разбира вашите прашања и грижи“ за Украина, пишува Њузвик.
„Ова е извонредно. Си не го поддржува Путин. Без оружје, без муниција, без чипови, без вистински зборови на солидарност. Само подготвеност да се купи руска енергија по многу намалени цени“, напишал екс-амбасадорот за средбата на светските лидери.
Се чини дека Кина го послуша предупредувањето од САД дека доколку ги прекрши санкциите, нејзиниот производител на компјутерски чипови, Semiconductor Manufacturing International Corporation или други компании, ќе го изгубат пристапот до американската експертиза што им е потребна, пишува Њузвик.
Новинарот на Би-Би-Си, Стив Розенберг, исто така, го забележа тонот меѓу лидерите, твитнувајќи:
„Лидерот на Кремљ отиде за да открие дека Кина е непријатна“.
Мекфол, исто така, изјави за Ем-Ес-Ен-Би-Си дека Путин можел да избегне да признае дека Кина има грижи во врска со инвазијата и дека фактот дека „Кина го избрала ова покажува дека Си Џинпинг не е задоволен со својот партнер… дека никој не сака губитници“.
Путин и Си се сретнаа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка. Тие сепак се сложија во борбата против „еднополарниот свет“ и рекоа дека ќе се борат за „ праведен, демократски и мултиполарен светски поредок заснован на меѓународното право и централна улога на ОН а не на некои правила што некој ги смисли и се обидува да им ги наметне на другите, дури и без објаснување што е тоа“, како што изјави Путин.