Кина објави дека денеска тестирала интерконтинентална балистичка ракета, која паднала во Тихиот Океан. Аналитичарот Анкит Панда рече дека Кина обично спроведува такви тестови во сопствениот воздушен простор. „Ова е крајно невообичаено и веројатно првпат по децении да видиме ваков тест“, рече тој.
Според кинеското Министерство за одбрана, станува збор за рутински тест кој не бил насочен кон ниту една земја или цел, пренесоа странските новински агенции.
Кина ретко ја информира јавноста за вакви тестови.
Според кинеската војска, проектилот имал експлозивна боева глава и паднал во предвидената област.
„Тоа е рутинска акција во годишниот план за обука, за која релевантните земји беа однапред информирани“, објаснуваат од Министерството во Пекинг. Оттаму додаваат дека тестот е во согласност со меѓународното право и меѓународната пракса. Во соопштението не се наведува патеката по која пројде проектилот, ниту точната локација во Тихиот Океан каде што паднала.
Политичкиот аналитичар Анкит Панда изјави за француската новинска агенција АФП дека Кина вообичаено врши такви тестови во нејзиниот воздушен простор. „Ова е крајно невообичаено и веројатно првпат по децении да видиме таков тест“, рече тој, проценувајќи дека Кина најверојатно го ажурира своето нуклеарно оружје.
Пекинг го забрза развојот на нуклеарното оружје во последниве години, а Пентагон предупреди минатиот октомври дека Кина го развива својот арсенал побрзо отколку што очекуваа Соединетите држави. Кина имаше повеќе од 500 оперативни нуклеарни боеви глави минатиот мај и најверојатно ќе има повеќе од илјада до 2030 година, соопшти американското Министерство за одбрана.