Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, за косовските медиуми потврди дека се слушнале и виделеи истрели во близина на една од нејзините патроли во Зубин Поток, една од четирите општини населени со мнозинско српско население во северно Косово, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тие рекоа и дека нема повредени ниту е причинета материјална штета и дека се работи на утврдување на фактите на случајот.
Додека српските медиуми велеа дека инцидентот кој настанал околу 19 часот и 45 минути бил предизвикан од Албин Курти кој сакал да отстрани една од барикадите, косовската полиција ги демантираше ваквите тврдења.
„Најпрво рекоа дека има судири во Зубин Поток иницирани од косовската полиција. Кога сфатија дека го нападнале КФОР, сакаа да ги негираат сите напади. Барикадите мора да се отстранат. Србија мора да престане да организира нелегални, криминални структури кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово. Косовската полиција ќе продолжи да ја игра својата улога и да ја исполнува својата мисија“, пишува министерот за внатрешни работи Џелал Свечла на Фејсбук, велејќи дека „игрите на Вучиќ и неговите криминални инструменти продолжуваат“.
Вчера началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, за ТВ Пинк изјави дека одржал средба со претседателот на Србија и со воениот врв и дека е на пат за Рашка на југот на Србија. За ова Плусинфо веќе известуваше.