Мисијата на НАТО во Косово КФОР објави дека останува посветена на придонесот во обезбедувањето безбедност за сите заедници кои живеат на Косово, но и дека нема да се двоуми да реагира на „било каков развој“.
„Имаме видливо и флексибилно присуство низ Косово и командантот на КФОР има овластување да го прилагоди по потреба и нема да се двоуми да реагира на какви било безбедносни случувања и во согласност со нашиот мандат на ОН“, се вели во соопштението.
Тие повторија дека одлуката за евентуално отворање на мостот на Ибар во Косовска Митровица треба да се донесе во рамките на политичкиот дијалог.
„Потврдуваме дека секоја одлука за мостот на реката Ибар мора да биде донесена преку политички дијалог и на координиран начин“, соопшти КФОР.
Тие повикаа на воздржаност од „еднострани акции кои можат да создадат тензии“.
„КФОР е опремен и добро позициониран да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да ја исполнува мисијата поставена од ОН“, се вели во соопштението.
Командантот на КФОР Озкан Улаташ синоќа разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти за безбедносната состојба и отворањето на мостот на реката Ибар.
Соопштението на КФОР уследи по соопштението на Владата на Косово за таа средба.