Принцезата од Велс го одржа својот прв состанок во замокот Виндзор по завршувањето на хемотерапијата. Кејт Мидлтон, која минатата недела откри дека нејзиното лекување е завршено и дека полека ќе се враќа на благородничките обврски, во интимно видео, во кое е заедно со својот сопруг, принцот Вилијам и со нивните три деца, изјави дека со нетрпение го очекува враќањето на должноста, пишува британски Мирор.
– Мојот пат до излекување и целосно закрепнување е долг и морам да продолжам да го доживувам секој ден онака како што доаѓа – рече принцезата.
Кејт Мидлтон во вторникот имала состанок во замокот Виндзор, а станувало збор за нејзиниот проект од раното детство.
Инаку, Кејт е покровител на Кралската фондација на принцот и на принцезата од Велс.
Кенсингтонската палата потврди дека ова е прво забележано спомнување дека Кејт работи, откако таа за првпат беше хоспитализирана во јануари поради сериозна операција на абдоменот. Принцезата помина 2 недели во болница пред да биде отпуштена за да закрепне дома. Неколку недели подоцна, лекарите поставиле секундарна дијагноза на рак пред таа да започне циклус на превентивна хемотерапија.
– Моето патување против ракот беше сложено, застрашувачко и непредвидливо. Исто така, тоа ве доведува лице в лице со вашите сопствени слабости на начин на кој никогаш досега не сте размислувале, а покрај тоа ви дава и нова перспектива за сè – рече принцезата.
Таа додаде дека нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, постојано бил покрај неа.
– Благодарни сме за едноставните, но важни работи во животот кои многумина од нас честопати ги земаат здраво за готово… едноставно да сакаш и да бидеш сакан – додаде Кејт.
Потоа рече дека ќе направи сè што може и дека „животот без рак“ сега е нејзиниот „фокус“.
– Се радувам што ќе се вратам на работа и ќе преземам уште неколку јавни ангажмани во наредните месеци – додала таа.
Кралските извори велат дека принцезата ќе си го олесни враќањето во кралскиот живот со тоа што ќе работи од дома, како и дека ќе преземе некои ангажмани.