Кинескиот претседател Си Џинпинг му се јавил на украинскиот колега Володимир Зеленски првпат по почетокот на војната за да му посочи дека „разговорите и преговорите“ се „единствениот излез“ од војната и дека ќе испрати специјален претставник да ја посети Украина и да води разговори за решението, објави кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви.
Зеленски го опиша разговорот на Твитер како долг и значаен.
„Верувам дека ова, како и назначувањето на украинскиот амбасадор во Кина, ќе дадат силен поттик за развојот на нашите билатерални односи“, рече Зеленски, објави АФП, а пренесоа повеќе западни медиуми, пишува Ројтерс.
Истовремено, некои западни медиуми објавија дека Си Џинпинг заедно со францускиот претсеател Емануел Макрон работат на таен план да ја седнат Украина на преговарачката маса летово. Во Британија, претседателот на одбранбениот изборен комитет, Тобиас Елвуд, рекол дека планот е „опасен“, додека поранешниот лидер на конзервативците, Иан Дункен Смит го смета за „проблематичен“.
Блумберг напиша дека Макрон го задолжил својот советник за надворешна политика, Емануел Боне, да соработува со главниот кинески дипломат, Ванг Ји, за да се воспостави рамка што може да се користи како основа за идните преговори.
„Француската стратегија предвидува разговорите меѓу Русија и Украина да се случат и ова лето, доколку се биде во ред“, изјавиле извори за Блумберг кои побарале да останат анонимни.
Се вели дека ваквиот „француски“ план произлегол од неодамнешната посета на Макрон во Пекинг, каде тој изјави дека ЕУ не треба да биде вазал на САД во однос на ситуацијата со Тајван што предизвика огромна бура реакции од ЕУ и од САД. Ова не го спречи Макрон да ја повтори својата изјава на пресконференција во Холандија со тамошниот премиер Марк Руте, додавајќи дека никој нема да ја учи Франција.
Медиумите пишуваа и за односот кој Макрон го имал на патувањето спореден со оној кон Урсула Фон дер Лајен, која беше заедно со него.
Пекинг беше критикуван од западните медиуми дека не изразил јасен став за руската агресија во Украина. Истовремено, Кина претстави свој мировен план од 12 точки за крај на војната. Се сметаше дека за овој план ќе разговараат Си и Владимир Путин при неодамнешната посета на кинескиот престедател на Москва, но двете страни негираа дека за такво нешто станало збор.