More

    Ќе се заштитиме ли од здодевните комарци или пак само ќе ги истушираме?

    spot_img

    Топлото време нè мами на прошетки или престој во природа, но тоа истовремено може да биде и предизвик за нашето здравје бидејќи инсектите што во овој период се активни можат да направат убоди на кожата, а некои од нив можат да пренесат и заразни болести.

    Комарците се веројатно меѓу најопасните животни на планетата поради самиот факт дека тие се предизвикувачи на милиони смртни случаи секоја година. Повеќето видови комарци се најчесто безопасни, но еден дел од нив, оние опасните, се вистински летечки „крвопијци“ кои имаат способност да се адаптираат лесно пренесувајќи болести на луѓето.

    Лекарите велат дека во најголем дел каснувањата од комарци кај нас не се ништо повеќе од нервозна непријатност што ќе исчезне после 24 часа. Но, ова не е случај кај лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.

    Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека со започнувањето на летниот период од годината и топлото време, време е да се планира и „аптеката“ за летниот одмор. Тие што ќе одлучат летниот одмор дали да го поминат во или надвор од Македонија, треба да ги знаат ризиците по здравјето, како и начините за превенција.

    „Комарецот се размножува во многу мало количество вода, дури и во чаша или тацна каде што се наводнуваат цвеќиња, застоени води… Комарецот го хибернира зимскиот период и станува активен од март па натаму, а најголема активност покажува во јуни, јули и август“, велат од ИЈЗ.

    Пред неколку дена епидемиологот д-р Драган Даниловски, на Фејсбук во детална анализа за тигрестите комарци напиша дека авионското прскање против комарци не е ефикасно, а дека нивниот број во земјава станува сѐ поголем.

    – Болеста Денга се пренесува со помош на комарци, особено т.н. тигрести комарци (Aedes albopictus). Колку повеќе врнежи, толку повеќе комарци – и толку повеќе заразени. Епидемијата е предупредувачки знак за земјите во тропските предели, бидејќи климатските промени носат топло и влажно време, што обезбедува идеални услови за размножување на комарците – напиша Даниловски.

    Освен за Денга, тигрестите комарци се вектори и за некои други заболувања: треската чикунгуња, Зика, жолта треска, како и некои паразити. За среќа, овие болести не се присутни во Македонија, па затоа комарците, реално, не можат да ги пренесат. Но, сепак, реален ризик е пренесувањето на вирусот на западнонилската треска, зашто природни резервоари претставуваат птиците.

    – Предвидувањата за климатските промени укажуваат дека Ae. albopictus ќе продолжи да биде успешен инвазивен вид, кој ќе се шири надвор од сегашните географски граници. Овој комарец веќе покажува знаци на адаптација на постудени клими, што може да резултира со пренос на болести во нови области. Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци – додава Даниловски.

    Епидемиологот потенцира за да се заштитат граѓаните од наездата на комарци, потребно е градските власти да се насочат кон прскање од земја, бидејќи според него авиодезинсекцијата ги „атакува“ само оние комарци кои во моментот се во лет, а не и тие коишто се на земја.

    – Затоа, авиодезинсекцијата во населените места, која се спроведува секоја година по неколку пати е „сизифовска“ работа, зашто, едноставно, не може да биде успешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди. Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови – вели Даниловски.

    Лани во мај Плусинфо пишуваше дека постои општо мислење на стручната јавност дека средството за запрашување треба почесто да се менува, бидејќи комарците стануваат резистентни на активната супстанција. А кај нас делтаметринот е средство кои безмалку непрекинато се користи со години, па и со децении.

    Повеќето експерти велат дека за повеќето вируси кои ги шират комарците не се достапни вакцини или специфични лекови, па затоа е најдобро каснувањето да се превенира.

    „Ризикот од каснување од комарци можете да го намалите со употреба на средства против инсекти кои ќе ги нанесете на вашата кожа во часови кога комарците се најактивни т.е. од самрак до зори. Ако планирате да одите на отворено, особено во пошумени или области со грмушеста вегетација, погрижете се претходно да нанесете репелентни средства за одбивање на комарците“, информираат до Институтот за јавно здравје.

    Од вчера е започната втората фаза од терестрична (земјена) дезинсекција на подрачјето на Град Скопје против возрасни форми на комарци и ќе се реализира до 15 јуни 2023 година, од 22:00 до 3:00 часот.

    Градските власти информираат дека доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истите термини.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img