По оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, претседателското место повторно ќе го потполни пратеник од редовите на опозициската коалиција Европски фронт, но засега е нема најави кога ќе се случи тоа.
Непознато е и како ќе дејствува идниот претседател на таа комисија во врска со измените на Законот за бранителите. Се очекува дека идниот претседател повторно ќе се обиде да го блокира донесувањето на законот, затоа што став на Европскиот фронт е дека нема да дозволат унапредување на правата на бранителите од 2001 година без да бидат опфатени и борците на ОНА. Но, во таков случај, за очекување е дека и тој претседател ќе добие постапка за интерпелација, во која лесно може да биде сменет, како што беше сменета Даути.
Во едно такво сценарио измените на законот на бранителите наместо да се донесат во скратена постапка, како што беше предложено, ќе го претворат Собранието во арена за нови меѓуетнички препукувања и партиски надмудрувања, на штета на граѓаните и на угледот на Законодавниот дом.
Пратеникот на Алијанса за Албанците Елми Азири, кој е дел од Европскиот фронт по констатирањето на оставката на Даути изјави дека за многу кратко време ќе заземат став како ќе делува коалицијата во врска со испразнетото место во собраниската Комисија за социјална политика. Претходно од Европскиот фронт најавуваа дека Даути ќе остане на функцијата и покрај тоа што ѝ беше изгласана интерпелација, но таа вчера поднесе неотповиклива оставка. Нема правни пречки Европскиот фронт повторно да ја предложи Даути за местото претседател на Комисијата за социјална политика, но извесно е дека мнозинството во Собранието нема да ја изгласа откако веќе еднаш ѝ изгласа недоверба затоа што не го почитува Деловникот.
Образложувајќи ја оставката, Даути вчера посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието. Таа орача дека нејзиното дејствување за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување, надвор од Деловникот.
– Зошто Апасиев и останатите пратеници од Левица во врска со Законот за бранители, не побараа точката да се стави на дневен ред? Јас ќе ја додадов точката на дневен ред, но се поставува прашањето зошто пратениците тоа не го побараа. Рокот за ставање на точката на дневен ред помина и мене не ми дозволуваше Деловникот да ја додадам таа точка. Овие 61 пратеници си играат „мајтап“ со власта. За мене услов е да се почитуваат сите националности – рече Даути.
Левица ја поздрави оставката на Даути и истакнаа дека ова е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието.
Пратеничката група на владејачката коалиција „Вреди“, пак, оставката на Даути ја оцени како „признавање слабост и показател за неодговорност“, а за главен блокирач на законит за бранителите го прогласија претседателот на Собранието, Африм Гаши.
– Претседателот на Комисијата за социјална политика заедно со целиот Европски фронт, со оставката изразија жалење што помогнале да се блокира законот за бранители, иако главниот товар за оваа блокада го понесе првиот човек на Собранието Африм Гаши. Тој доби интерпелација од Левица за покажаната решителност во блокирањето на овој преполовен закон, предложен од опозицискиот партнер на ДУИ, распарчениот СДСМ. Решиле да ги остават „Вреди“ и Гаши сами во оваа битка, но тоа воопшто не ја расипува работата зашто, како што ја почнавме оваа битка одделно, така и ќе ја продолжиме – рече пратеничката Имерлије Салиу-Фетаи од „Вреди“.
Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за социјална политика Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група од Левица поради тоа што Даути ги закочи измените на Законот за бранителите.
Измените ги предложи пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ. Пратениците од СДСМ ја напуштија седницата на која се расправаше за интерпелацијата на Илире Даути и не гласаа. Даути беше разрешена со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и на Левица, а против гласаа пратениците од албанските коалиции Вреди и Европски фронт.
Спикерот Африм Гаши по изгласувањето на недовербата на Даути посочи дека интерпелацијата не значи автоматски разрешување, туку може да биде повод да се поведе таква постапка, а потоа со денови не го испраќаше усвоениот заклучок по интерпелацијата до Комисијата за избори и именувања. Неговото објаснување е дека со постапката за интерпелација завршиле неговите обврски согласно со Деловникот.
По случувањата околу интерпелацијата повече пратеници во изјави за медиумите истакнаа дека е потребно да се смени Деловникот, за да се презицираат процедурите. Произлегува дека без прецизен Деловник нема гаранции дека законите ќе бидат донесени, затоа што претседател на собраниска комисија може самоволно да блокира кој било закон што не му се допаѓа, и покрај волјата на парламентарното мнозинство.