Министерството за правда ќе предложи измени на Законот за извршување на санкции со кои во иднина издржувањето на затворската казна на осудените лица да се врзе со нивното место на живеење во последните две години. Ова го најавува министерот за правда Никола Тупанчески во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој посочува дека со сегашното законско решение постои правна можност за промена на местото на живеење за да се отслужува затворска казна во попривилегирани услови, односно во отворени затвори, па затоа се размислува со измени на Законот за извршување на санкции да се предложи „извршувањето на казната да се врзе со последните две години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело“.
– На таков начин ние би ја избегнале оваа апсурдна ситуација или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка – вели Тупанчески.
Тој смета дека институтот „спогодба на вина“, преку кој најчесто се намалува затворската казна, е во согласност со нашиот правен систем, но дека треба да се внимава на евентуалната злоупотреба на оваа мерка.
– Спогодувањето на вина претставува елемент или сегмент од прецедентното право којшто е пресликан во нашиот правен систем, посебно во Законот за кривична постапка. Идејата беше добра, во насока на тоа дека под одредени услови, коишто се строго определени, заради економичност на постапката, да се примени тој институт – вели Тупанчески.
Според него, прашање за кое можеби треба да се дискутира е дали има злоупотреба на тој механизам за спогодување на вина.
– Секогаш потенцирам дека казната мора да биде индивидуализирана и да биде во пропорција со неправото кое претходно било извршено, со квалитетот на неправо и она што се нарекува инкриминација. Без таква пропорција, ние не сме ја постигнале целта – вели Тупанчески во интервјуто за Радио Слободна Европа.