Дваесет фирми се проверени во вчерашната акција на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Финансовата полиција. Скоро сите ќе бидат казнети бидејќи имале доволно залихи на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрбуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и февруари. За нив ќе следат казни од 800 до 10 000 евра, објави Сител.
– Двајца на Кванташки пазар се казнети и затоа што продавале како физички лица. Од фирмите, пак, се одземале фактури од увозот на овошјето и зеленчукот кои треба да покажат дали и како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки – рече директорот на Државниот пазарен иснпекторат, Горан Трајковски за Сител.
Директорот на ДПИ вели дека надлежните институции од фирмите ги имат земено сите потребни документи и дека проверката ќе продолжи и од утре.
– Фирмите во петокот не извршиле достава по одлуката за 70 отсто од продажбата што ја имале во јануари и февруари. Сите надлежни институции ги земавме потребните документи и потребно е да се сработат. Истраги ќе има. Документите целосно ќе се прегледуваат и од другите институции, ова што ние сме биле вчера и што сме санкционирале не е запирање. И од понедлник ние како Државен пазарен инспекторат ќе бидеме на терен и кој нема да врши достава согласно одлуката ќе го казнуваме – вели Трајковски.
Повеќе од 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат од вчера се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје.
Вчера тие беа влезени на Кванташкиот пазар во Скопје, како и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и во други градови.
Владата во вторник ќе ги разгледа анализите и ќе донесе нова, повисока цена на овошјето и на зеленчукот.