Првата средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања во 2023 година треба да се одржи во февруари во Софија. На дневен ред останува точката за претставувањето на Охридската архиепископија во македонските учебници, пишува МИА.
Темата за тоа како да се претстави Охридската архиепископија во македонските учебници по историја ја разбранува и јавноста во земјава, па македонскиот тим историчари во експертската Комисија за историски и образовни прашања реагираше со деманти и објаснувања. Изразувајќи разочарување на некоректното информирање во јавноста, тие посочија дека се пласираат лажни информации дека се решава црковното прашање на МПЦ-ОА.
– Предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно образование во двете држави, нејзината улога и значење за Христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла – наведоа од македонскиот тим.
Тоа беше последната средба на Историската комисија во 2022 година.
Расправата за бугарските учебници е завршена пред година и половина и донесени се седум препораки кои треба да бидат применети.
Расправата за бугарските учебници е завршена пред година и половина и донесени се седум препораки кои треба да бидат применети.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа и треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историскиизвори кои се базирани на докази“, со цел продлабочување на заемната доверба.
Двете земји со Договорот се обврза и да организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.
Работата на Комисија и во минатата година се следеше со посебен интерес од јавноста, особено на стручната. Членовите се пожалија дека нивната работа често била мета на манипулација, на паушални и неаргументирани заклучоци, со цел да бидат злоупотребени, како и за свесно инструментализирање на нејзината работа заради остварување на политички цели.
Интензивирањето на темпото на работа на историчарите, минатата година, следеше како резултат на новиот ентузијазам во билатералните односи меѓу двете земји и зајакнатиот политички дијалог по изборот на новата Влада во Софија (13 декември 2021) предводена од Кирил Петков.
Одржани се шест средби на историчарите од двете земји, а усвоени се две групи препораки – за заедничко одбележување историски личности и за корекции во дел од учебниците.