ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и овој викенд се надмудруваа околу тоа кој е виновен за загадувањето на главниот град и какви мерки треба да се преземат.
Откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се потрошени 20 милијарди евра во буџетите во изминативе 7 години, а ниту едно евро за почист воздух, се огласи Дарко Каевски од СДСМ.
– Загадувањето на воздухот во Скопје е алармантна тема, која бара преземање неодложни мерки. Станува збор за најскапото нешто за граѓаните – нивното здравје. Непреземањето ништо од страна на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е неодговорно и на штета на скопјани. Повикуваме во ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат. Водењето инает и бегањето од вонредна седница на Советот на Град Скопје од страна на ВМРО-ДПМНЕ е неразумно и неодговорно – рече тој.
СДСМ има иницијатива за вонредна седница на Советот на Град Скопје и неколку клучни мерки за намалување на загадувањето во главниот град. Партијата ќе предложи 7 мерки:
- Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз.
- Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје.
- Итна промена на средства во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на парите за борба против загадувањето.
- Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси.
- Изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје.
- Чистење/миење на улиците и на јавните површини со помош на цистерни.
- Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
„Додека скопјани дишат загаден воздух локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги намали парите за животна средна за дури 44%“, обвини Каевски и го повика ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат мерките на СДСМ.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ побара итни мерки против загадувањето, обвонувајќи дека „коалицијата Ковачевски – Арсовска го ограбува народот преку тендери, а го труе со загаден воздух“.
Плод на соработката Ковачевски – Арсовска е директорот на ЈСП Александар Стојковски, кадар на СДСМ, кој го потпиша договорот за набавка на гориво од 27 милиони евра без вообичаениот рабат, со што е оштетено претпријатието за 1,5 милиони евра.
„Доколку имаше рабат, ќе имаше 1,5 милиони евра повеќе во касата на ЈСП, пари доволни за да се покрие долгот кон приватните превозници, кои не сообраќаат веќе, и има помалку автобуси на улиците низ Скопје во ек на најголема загаденост во Скопје“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.