More

    Ќе дадеме централа, ќе изгубиме и пари и контрола, велат експерти

    spot_img

    Земјава повеќе губи отколку што добива со давањето на ХЕЦ Тиквеш како залог за државниот удел во енергетскиот проект ХЕЦ Чебрен, и подобро би било да најде пари за самата да ја изгради оваа хидроцентрала. Оваа хидроелектрана во никој случај не треба да прејде во рацете на странскиот инвеститор бидејќи тоа ќе влијае на крајната цена на струјата на ЕСМ кон потрошувачите, а ќе ја намали и контролната функција на државата во користењето на испусните води од хидроелектраната, велат експерти и инженери. Тие сметаат дека штетата ќе биде многу голема, бидејќи ќе влијае и на целиот енергетски систем и зависноста на земјата во тој сегмент.

    Спиро Мавровски, поранешен помошник директор за производство во РЕК Битола, смета дека државата требаше да го гради ХЕЦ Чебрен сама, со користење на европските фондови наменети за зелена енергија, а одлуката да се даде ХЕЦ Тиквеш како залог за државните удели во ХЕЦ Чебрен го смета за економски неоправдан и штетен за македонскиот енергетски систем.

    – Владата може да користи европски фондови за зелена енергија и да ја изгради ХЕЦ Чебрен, наместо да ја дава на странски инвеститори. Не ми е јасно зошто владата се откажува од ХЕЦ Тиквеш, која со производство во наредните 60 години на државата би ѝ донела повеќе 900 милиони евра, ако се смета струјата по сегашните цени, што е речиси еднакво на инвестицијата во ХЕЦ Чебрен. Хидроелектраната е ревитализирана и ќе нема потреба овие 60 години да се вложува во неа. Тоа значи дека продажбата на годишното производство на ХЕЦ Тиквеш ќе му послужи на инвеститорот да го плаќа кредитот кој го зел за да ја гради Чебрен, а државата ќе ги надоместува овие мегаватите произведени од електраната со увоз на струја, што е штета – вели Мавровски.

    Тој додава и дека по 60 години кога, според она што го најавува владата, ќе се врати системот на државата, ХЕЦ Тиквеш нема веќе да функционира и ќе треба да се гради нова централа.

    – ХЕЦ Тиквеш е ревитализирана во 2014 година и нема потреба на неа да се инвестира во наредните 60 години, но по 60 години, не се знае што ќе стане со оваа хидроелектрана. Не верувам дека странскиот инвеститор ќе инвестира во централата додека ја користи, а по 60 години, кога ќе треба да ѝ ја врати на државата, таа ќе биде неупотреблива односно руина. Во меѓувреме нејзиното производство на струја ќе го продава и ќе заработува. Тоа значи даваме производствен капацитет сега, а по 60 години добиваме ништо – вели Мавровски.

    За разлика од него, советникот на премиерот за енергетика Виктор Андоновски смета дека ХЕЦ Тиквеш е амортизирана централа која не вреди ништо, но државата од зделката добиваме многу.

    – Сметаме дека е поисплатливо ХЕЦ Тиквеш да работи како дел од Чебрен кога ќе се изгради проектот. Тиквеш постои 60 години и амортизацијата му е на нула. По 10 години може да биде проценет на само 20 милиони евра. Ако градбата Чебрен чини 2 милијарди евра, ЕСМ ќе има удел од 600 милиони во Чебрен со продажба или влог на објект кој чини само 20 милиони евра. ХЕЦ Тиквеш правно ќе стане сопственост на Грците, односно ќе се внесе како влог на државата, кога ПАХЕ Чебрен ќе стане оперативен. А ПАХЕ Чебрен како објект ќе и остане на државата после концесијата од 60 години. Механизам за заштита од инвеститорот дали тој ќе се придржува до договорот, ќе биде самата дозвола за вода – објасни неодамна Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот Ковачевски, на семинар кој го организираше Регулаторната комисија за енергетика.

    Според она што може да се прочита на веб-страницата на ЕСМ, хидроелектраната Тиквеш е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, што е еднакво на она што го покрива владата како една третина од моќноста на ХЕЦ Чебрен која е планирана со моќност од 333 мегавати.

    Мавровски, како и најголемиот број енергетски експерти и инженери во земјава, смета дека ХЕЦ Чебрен треба да се гради, но не да ја гради странски инвеститор туку државата за да има голем енергетски капацитет за да ја надмине енергетската зависност од увоз на струја по гаснењето на РЕК Битола.

    – Во услови кога се најавува дека РЕК Битола ќе се затвори или ќе се пренамени на гас, а кога гас до таму нема, и не се знае кога ќе пристигне, да се даде еден голем енергетски капацитет да го градат и користат странци, е лош потег за системот. Имаме силен пробив на изградба на фотоволтаици кои произведуваат струја дење, и затоа е потребен голем капацитет од друг извор кој ќе може да го балансира тоа производство во системот. Тоа е дневно производство и му треба друго кое ќе го компензира во ноќните часови. Потпирањето на странски инвеститор на втората страна од балансот е ризична работа – вели тој.

    Деновиве се води дебата околу тоа кога инвеститорот ќе почне да ја користи ХЕЦ Тиквеш – дали уште за време на изградбата на ХЕЦ Чебрен или потоа? ВМРО-ДПМНЕ вели дека од тоа зависи дели државата ќе инвестира 100 милиони евра повеќе во изградбата на Чебрен. Партијата обвинува и за нерегуларности во тендерската постапка.

    Владата, иако ја прашавме, не ги коментира обвинувањата и не појаснува која од нејзините одлуки е важечка за тендерот за стратешки инвеститор на проектот Чебрен. Ако може да се заклучи од изјавата на советникот на премиерот за енергетика на споменатиот семинар, во план било Тиквеш да стане сопственост на странскиот инвеститор по завршување на изградбата.

    – ХЕЦ Тиквеш правно ќе стане сопственост на Грците, односно ќе се внесе како влог на државата, кога ПАХЕ Чебрен ќе стане оперативна – рече тогаш Андонов.

    За експертите е неважно кога ХЕЦ Тиквеш ќе ја добие странскиот инвеститор, бидејќи тие сметаат дека овој енергетски капацитет треба да остане во државни раце, што е значајно за цената на струјата произведена од ЕСМ и за користењето на водниот потенцијал за производство на струја и за наводнување.

    – Не сум правен експерт и не знам како овој проблем со раличните одлуки и барањата на тендерот ќе заврши, меѓутоа се гледа дека со спорните одлуки на владата е направен упад во финансиската конструкција и целокупната постапка, со што се доведува во прашање изборот на овој инвеститор, бидејќи другите, ако ги имале овие податоци, можеби би дале поинакви понуди. Но, во случајот тоа не е толку важно, бидејќи  сметам дека ХЕЦ Тиквеш во никој случај не треба да се даде на странскиот инвеститор ниту пред ниту по изградбата на Чебрен. Со нејзиното подарување на странскиот инвеститор државата губи многу пари. Грубите пресметки се дека се тоа повеќе од 1 милијарда евра за 60 години, што е многу повеќе од инвестицијата во Чебрен. Оваа хидроелектрана заедно со другите хидроелектрани произведува балансна струја која влијае на крајната цена на струјата која ја нуди ЕСМ. Цената на струјата од хидроелектраните е пет пати поевтина од струјата на термоелектраните и е една петина од цената на струјата што ја дава ЕСМ. Кусокот од струјата на оваа хидроцентрала ќе значи поскапување на цената на струјата на ЕСМ. Билансната струја чини многу повеќе од берзанската, што пак ќе значи дека странскиот инвеститор кој ќе ја користи 60 години оваа хидроцентрала ќе ни ја продава 2 пати поскапо можеби и повеќе, а цената на струјата на ЕСМ во тој случај ќе расте и ќе биде повисока за крајните потрошувачи – вели Димитров.

    Според него, втор важен детаљ на кој не се внимава е тоа што доколку Тиквеш остане во државни раце, државата ќе може да го контролира истекот на водата од централите за евентуална потреба на Грција за наводнување.

    – Тиквеш може да биде вентил да не се врши неконтролиран испуст на вода од хидроелектраните во Вардар, во улови кога потребата на Грција од вода ќе биде поголема. На тој начин државата ќе може да чува вода за производство на хидроелектраната за подолг период, но и да обезбеди вода за наводнување во регионот – вели Димитров.

    Деновиве изминуваат и трите месеци, рок кој ѝ е даден за потпишување на Договор за заедничко вложување и основањето на заедничко акционерско друштво на странскиот инвеститор и ЕСМ. Новоформираната компанија ќе треба да обезбеди дозвола за користење на вода.

    – Оваа компанија ќе има Надзорен одбор од пет члена, тројца од компанијата и двајца од ЕСМ. Иако ЕСМ е малцинство, според договорот, ќе имаме можност да носиме важни одлуки со консензус, но и да се стопираат одлуки со вето. На околу десет точки од работењето ќе можеме да ставиме вето – беше коментарот на Андонов на споменатиот семинар.

    Хидроцентралата Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, за што се предвидено создавање ново вештачко езеро на Црна Река, кое ќе биде најголемо во нашата земја, а браната од 192 метри ќе биде една од највисоките во светот. Инвестицијата се проценува на една милијарда евра.

    ХЕЦ Чебрен треба да се гради седум години, односно до 2030 година, кога Македонија ќе ги изгаси сите блокови на РЕК Битола.

    Според одлуката на тендерот, кој владата го прогласи за успешен, а опозицијата го оспорува, ХЕЦ Чебрен треба да ја гради и да ја стопанисува грчката компанија „Архиродон“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img