Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, им порача на фирмите што сѐ уште го немаат платено солидарниот данок, да ја извршаат оваа фискална давачка.
Во моментов има повеќе иницијативи до Уставен суд поднесени од страна на бизнис заедницата, од каде што сметаат дека законското решение треба да се укине.
– Не очекувам да биде до крајот на годината, тимот можеби ќе успее да го изработи рефератот, но тоа јас уште го немам видено – рече Кацарска денеска како одговор на новинарско прашање.
Но, и да има позитивна одлука во предметот за компаниите, односно Уставен да му се спротивстави на законодавецот, Кацарска не сака да прогнозира дали тоа би значело и враќање на парите за наредната пресметковна година во УЈП.
Управата за јавни приходи сè уште чека на 26 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, да ги уплатат средствата за солидарен данок. Според официјалните информации до минатата недела дваесет и петте компании и јавното претпријатие „Национални шуми“ должеа 11, 8 милиони евра кон УЈП. Најголема сума од должниците требаше да уплати компанија од Скопје која се бави со трговија со струја, а меѓу должниците има компании од секторот на игри со среќа и обложување, изградба на станови и трговија.
УЈП постојано предупредува дека рокот со опомени е до 24 ноември, а по тоа сметките ќе им бидат блокирани. Данок на солидарност платиле над 130 компании или 37,3 милиони евра, а највисоката сума која е уплатена е од компанијата „Макстил“ – 257 милиони денари данок.