Најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден денеска го слават верниците на Римокатоличката црква.
Во земјава традиционално централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија која ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов.
На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и голем број верници.
Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.
„Драги браќа и сестри!
По сè што се случило со Исус на Велики Петок, по страданијата и страшната смрт на крстот, при што Исусовите ученици во страв од Јудејците се распрснале, еден човек, истакнат советник по име Јосиф од Ариматеја, се охрабрил и отишол кај Пилат да го побара телото на Исус за да го погреби според јудејскиот обичај. Пилат најпрво се распрашал за смртта на Исус и кога дознал дека умрел, му го предал телото на Јосиф. Тој го симнал Исусовото тело, купил плаштаница, го обвил и го положил во гробот што бил издлабен во карпата, а на гробната врата навалил камен. Двете Марии го набљудувале местото каде што бил положен Исус.
Сето тоа се случувало набрзина во пресрет на саботата, ден за одмор, кога Јудејците се воздржуват од работа. Саботниот ден, според јудејската традиција, е седмиот ден од седмицата, а започнува во петок на зајдисонце и завршува следниот ден навечер. Така, и погребот на Исус требало да биде завршен пред зајдисонце, кога започнувала саботата.
Кога поминала саботата, жените кои оделе по Исус не мирувале, туку рано наутро на првиот ден од седмицата купиле мириси и се упатиле кон гробот, уште еден пат на подостоинствен начин да му оддадат почит на Учителот, бидејќи немале време да го направат тоа во петокот, туку само гледале каде го положуваат во гроб. „И на првиот ден од седмицата, многу рано, на изгрејсонце, доаѓаат на гробот. И зборувале помеѓу себе: ‚Кој ќе го оттргне каменот од вратата на гробот?’ Кога погледнале, каменот бил отстранет. Навистина бил многу голем. И кога влегле во гробот, виделе млад човек завиткан во бели алишта како седи од десната страна; и се уплашиле. А тој им рекол: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот? Воскресна, не е овде! Еве го местото каде го положија. Но, одете, кажете им на учениците Негови и на Петар: дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја! Таму ќе го видите, како што ви беше рекол!’ Тие, штом излегле, побегнале од гробот: зашто ги обзело страв и ужас. И никому ништо не кажале затоа што се плашеле“ (Марко 16,1-8). Потоа се додава дека Исус најпрво и се јавил на Марија Магдалена, од која истерал седум зли духови. Таа отишла и им кажала на неговите кои тагувале и плачеле. Меѓутоа, кога слушнале дека е жив, прво не поверувале. Кога подоцна им се јавил на некои од учениците, тие не поверувале ни тогаш, додека не им се јавил на единаесетте и ги прекорил за нивното неверување и тврдоста на срцето што не им веруваа на оние што го видоа воскреснатиот од мртвите.
Беше тоа привилегија на жените кои први го видоа празниот гроб. Во Евангелието според Иван пишува дека Марија Магдалена отишла во гробот да го види телото. Не го нашла таму, но видела дека каменот е отстранет од гробот. Така таа дотрчала кај Исусовите ученици и возбудена им кажала што видела. Таа мислеше дека Господ е изваден од гробот и ставен на друго место.
После тоа, Петар и Иван дотрчале заедно до гробот. Прв влегол Петар и таму ги видел ленените повои и крпата што била на главата на Исус, која била уредно свиткана на посебно место, но Исуса не го видел. По него во гробот влегол и Иван кој „видел и поверувал“ (сп. Иван 20,3-7). Се разбира, тој сè уште не го видел воскреснатиот Господ и неговата вера сè уште не била експлицитна вера во воскресението, но првиот чекор кон верата бил направен.
Така Марија Магдалена стана првиот сведок на воскреснатиот Христос, што во наше време Црквата ја почитува како апостол на апостолите. Таа добила важна задача да не се задржува со Исус, туку да оди кај неговите ученици и да им ја соопшти радосната вест. Тие не ѝ поверувале веднаш, но, сепак, таа беше првата личност што Исус ја испратил да ја објави Радосната вест за Воскресението.
Иако никаде не е запишано, можеме да претпоставиме дека Исус најпрво и се јавил на својата мајка Марија, која била интензивно поврзана со Христовото страдање и која верувала, се надевала и го сакала како никоја друга. Затоа таа веројатно била првата што ја добила веста за Исусовото воскресение.
Во овие неколку евангелски извадоци кои ги спомнав, а го опишуваат празниот гроб и случувањата по воскресението, можеме да забележиме дека кај жените и учениците преовладувале најразни емоции: страв, ужас, неизвесност, сожалување, немир, тага, радост, несигурност, неверие, збунетост, сомнежи, можеме и уште да набројуваме. И сите собрани на едно место. Можеме само да претпоставуваме сѐ што поминувало низ мислите на учениците и жените. Најверојатно се појавиле и многу прашања на кои едноставно немале одговор. Како понатаму! Што ќе биде со нас?
Овие прашања како и да се наши, посебно во ова време на војни, страдања, убиства, терористички напади… Несигурност, немир, неизвесност. Сѐ изгледа апсолутно обесхрабрувачки, безнадежно!
Така било со учениците сѐ додека не го сретнале Христос жив, воскреснат, преобразен.
Христос Воскреснатиот, како и на учениците така и нам сака да ни го даде својот мир за кој копнее ова страдално човештво, но не мир кој го познава светот, туку мирот на Воскреснатиот, кој е нешто повеќе и подлабоко од само молчење на оружјето. Тоа е мир, кој непријателот го прави брат, немирот го претвора во мир, омразата во љубов, насилството во меѓусебно служење, мир кој поттикнува оружјата да се претворат во плугови (сп. Исаија 2,4)
Но без Христос не можеме да го достигнеме идеалот на тој мир. Затоа ни е потребен денес Христос во секоја пора на нашето глобално општество. Затоа денешниот ранет, егоистичен и рамнодушен човек треба да се сретне со Христос во прекршувањето на лебот и Словото, за да се отворат гробовите и да биде победено сѐ она што носи уништување и смрт на човекот, Божјото создание и целото човечко семејство.
Тука е и посланието на денешните Христови ученици: Воскреснатиот Христос денес и нас нѐ испраќа во овој свет да го даруваме неговиот мир, Радосната вест, дека смртта е победена и дека секој човечки напор за доминација, власт, собирања богатства е залудно, затоа што Христос го победи светот. Целата човечка суета ќе ја изгуби смислата кога Христос ќе дојде повторно во својата слава.
Ние сме Исусови ученици и ја имаме истата задача како и првите ученици: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам вас“ (Иван 20,21). Да бидеме радосни сведоци на Исусовото воскресение со својот живот и својот збор, каде и да сме“, кажа во својата проповед скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов посакувајќи среќен празник со поздравот Христос воскресе!