Со „Добредојде претседателке“ напишано на билборди само на албански јазик денеска во Тетово беше пречекана косовската претседателка Вјоса Османи.
Како реакција на билбордот за Османи вчера во Тетово се појавија транспаренти „Тетово е Македонија “. Ваквите транспаренти беа поставено од ВМРО-ДПМНЕ, но денеска тие се отстранети, а билбордот остана.
Откако неодамна на социјалните мрежи напиша дека Тетово е главен град на Албанците во Македонија, тетовскиот градоначалник Касами и денеска со слична реторика за време на посетата на косовската претседателка Вјоса Османи говореше на прес-конференцијата по повод посетата.
Тој нагласи дека како граѓани, како тетовци се почестени од нејзината посета и придонес во подобрување на соработката меѓу двете пријателски и соседни држави.
Република Северна Македонија и Република Косово, според Касами, историски имаат блиски односи и порано во рамки на Југославија и сега.
– Се меѓу државите на Балканот кои немаат никакви проблеми меѓусебни, туку се пример како треба да се негуваат односите меѓу двете држави. Исто така Тетово како еден од главните градови на Македонија, најважните градови после Скопје, каде што мнозинство на граѓани живеат Албанци е мостот на соработката помеѓу Македонија и Косово. Затоа јас како градоначалник ќе продолжам овие згодности да ги негувам и понатаму со сите држави во регионот особено со Косово, со кое имаме многу заедничко минато и многу заеднички да споделиме и во рамките на идната соработка, моделот на интегрирање на нашите две држави во Европската унија. Сигурно ќе соработуваме блиску со претседателството во Косово и со други институции и општините во интерес на благосостојба и на подобар живот на сите наши граѓани, истакна Биљал Касами.
Претседателката на Косово пред медиумите се обрати само на албански јазик, а превод од Општина Тетово имаше само за дел од обраќањето.
– Од Тетово почнале многу историски процеси за албанскиот народ, не само за оној кој живее во овој град, туку и од соседните држави. Тетово и Косово имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка. И денес нашите врски се нераскинливи. Многу млади од овој град, студирале и студираат на нашите Универзитети и обратно. Мојата посета во РСМ е уште еден доказ за придонесот што Албанците го дале за државотворноста на РСМ и за евроинтеграциите, за нашата соработка и пријателски односи меѓу двете држави, кои сигурна сум дека ќе се продлабочуваат во иднина. Косово секогаш ќе биде благодарно на граѓаните на Вашата држава за помошта и безусловната поддршка што ја давале за граѓаните на Косово – истакна Вјоса Османи Садриу.