Бакингемската палата објави како изгледаат поканите за крунисувањето на кралот Чарлс Трети (74), а воедно откри и новитет што нема да им се допадне на сите Британци. Станува збор за официјалната титула на сопругата на кралот: отсега таа ќе биде кралицата Камила (75), наместо „кралица сопруга“.
На церемонијата, која ќе се одржи на 6 мај, во Вестминстерската опатија, покрај принцот Џорџ (9), ќе учествуваат и нејзините внуци: Гас и Луис Лопес, синовите на ќерката на Камила, Лаура Лопес и Фреди Паркер Боулс, наследникот на нејзиниот син Том Паркер-Боулс.
Кралицата имаше и ќерка и син во нејзиниот поранешен брак со сега 83-годишниот пензиониран офицер на британската армија, Ендрју Паркер Боулс. Не е познато дали добил покана за крунисувањето, но правнукот на Камила, Артур Елиот, ќе биде вклучен во историската церемонија, како што открива „Венити фер“.
Од палатата откриле дека поканите се направени од рециклирана хартија по желба на кралот, биле испратени на дури 2.000 адреси, а во оваа прилика Чарлс и неговата сопруга позирале за нивниот нов, официјален портрет.
Фотографирани се во Сината соба на Бакингемската палата, а во март ги снимил Хуго Бурнанд, авторот на официјалниот портрет на принцот Вилијам (40) и Кејт Мидлтон (41) во пресрет на нивната венчавка во 2011 година. Претходно беше познато дека нејзиниот фустан за крунисување е дизајниран од Брус Олдфилд, омилениот дизајнер на покојната принцеза Дијана.
Од палатата додаваат дека украсите на поканата ги дизајнирал и насликал хералдичкиот уметник Ендрју Џејмисон во акварел, омилена техника на кралот Чарлс, страстен сликар.
Тој избра мотив на британски диви цвеќиња, вклучувајќи лилјани, ѕвончиња и цветови од диви јагоди. Фактот дека три цвеќиња беа избрани за украсување на пликот на поканата, симболизира дека Чарлс ќе биде третиот британски монарх под тоа име.
– Во центарот на дизајнот е мотивот на Зелениот човек, древна фигура од британскиот фолклор, симбол на пролетта и повторното раѓање, за да го прослави новото владеење. Крунисана е со лисја од даб, бршлен, глог и симболични цветови на Обединетото Кралство – соопштија од палатата.
Како што се случува во значајните прилики, промената на титулата на Камила ја коментираше извор близок до Бакингемската палата.
– Имаше смисла да се нарече Нејзиното Височество кралицата сопруга во првите месеци од владеењето на кралот, за да се разликува од кралицата Елизабета Втора. Но, сега кралицата Камила е посоодветна титула која ќе му одговара на Чарлс – се наведува.
– Всушност, сите поранешни кралици сопруги биле познати само како „кралица“ плус нивното име – се вели понатаму.