Неделата пред нас за миг ќе ни ги врати летните температури за да дојде вистинската есен пред крајот на октомври кога и ќе се спуштат температурите.
До крајот на оваа недела ќе имаме облачно време што ќе донесе прилично високи дневни температури кои ќе одат и над 28 степени Целзиусови. Утрата ќе бидат свежи со температури над 10 степени, а во некои од деновите ќе има и услови за дожд.
Неделата, која следува по оваа, ќе донесе благо намалување на температурите. Со почетокот на втората половина на октомври облачноста ќе се зголемува, а сонцето ќе го гледаме сѐ поретко. Температурите во такви услови ќе останат релативно високи и дневните ќе надминуваат 20 степени Целзиусови, а утринските ќе паѓаат и под 10 степени, но мраз нема да има. Кон крајот на оваа недела се очекуваат и врнежи од дожд.
Претпоследната недела од октомври се очекува да донесе поголеми количини дожд. Сонце речиси и нема да видиме, што ќе ги спушти максималните дневни температури под 15 степени Целзиусови, а утринските нема да одат над 5 степени Целзиусови, иако температури под 0 сѐ уште не се очекуваат.
Последната недела од октомври се најавува дека ќе донесе разведрување, што дополнително ќе ги спушти температурите. Утринските температури веќе ќе бидат околу нулата, со услови за првите мразови на одредени места. Дневните температури ќе одат нешто над 10 степени Целзиусови, со облачно време со повремени сончеви периоди.