Повеќе од 90% од вкупната стоковна размена на земјава во 2022 година е реализирана од компании кои истовремено увезуваат и извезуваат, покажуваат дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека суфицитот во размената на стоки е генериран, главно, од компании што припаѓаат на индустријата, а дефицитот од трговските претпријатија, додека, пак, околу половина од вкупната вредност на извозот и на увозот ја прават најголемите 50 компании.
Податоците покажуваат дека на страната на извозот, кај претпријатијата што се јавуваат како извозник и увозник истовремено, највисока вредност од 89,4 % во вкупниот извоз е реализирана од претпријатијата од индустријата што се повторува и кај увозот каде што 56,3 % од вкупниот увоз е реализиран од компании од индустријата.
На страната на извозот, микрокомпаниите имаат најголемо учество во структурата според бројот на претпријатија (55 %), а во создавањето на вкупната вредност во секторот трговија учествуваат со 36 %.
Големите компании, покрај нивното незначително учество од 3 % во структурата според бројот на компании, во создавањето на вкупната вредност во индустријата учествуваат со 77,1 %.
На страната на увозот, микрокомпаниите имаат најголемо учество во структурата според бројот на претпријатија, односно 63,9 %, а во создавањето на вкупната вредност во секторот трговија учествуваат со 22,8 %.
Големите компании, покрај нивното незначително учество од 1,4 % во структурата според бројот на компании, учествуваат со 68 % во создавањето на вкупната вредност во секторот индустрија .
Најголемо учество во структурата на извозот имаат претпријатијата што ги извезуваат своите стоки на пазарите на земјите членки на ЕУ. Големите компании во вкупната вредност на пазарот на ЕУ учествуваат со 79,6 %.
Пазарот на земјите членки на ЕУ и на страната на увозот се издвојува како најатрактивен. Повеќе од половина од реализираната вредност на овој пазар (50,2 %) е остварена од големите компании.
Според седиштето на претпријатијата, најголем извоз е регистриран во Скопскиот регион, односно 57,2 %, а претпријатијата од овој регион имаат остварено и најголем увоз, односно 72,2 %. Најмал обем на надворешнотрговска размена е остварен од претпријатијата со седиште во Североисточниот регион.