Каков електричен автомобил ќе се произведува во Тетово? Ќе го биде ли? Ќе се продава ли, ако воопшто го биде?
Засега официјално не е кажано кој модел на компанијата Next.e.GO Mobile SE ќе се произведува во градот под Шара, иако во јавноста се лиферуваат најразлични информации за автомобилот што треба да почне да се произведува од крајот на следната година во ТИРЗ во Тетово. Единствениот податок со кој се фали овој проект е дека годишно од оваа фабрика ќе треба да излегуваат по 30.000 електрични автомобили, кои треба да се пробијат на светскиот пазар.
За жал, експертите што ги консултираше Плусинфо се категорични – ништо од таа работа!
Со вакви перформанси нема шанси на пазарот
Според она што е објавено за моделот e.wave X на страницата на германската компанија која веќе го произведува во тамошната фабрика, тетовскиот автомобил би можел да ги има следните перформанси: максималната брзина која 125 километри на час, електричен опсег од 252 километри со процена за градска средина и батерии со моќ на полнење од 11 киловати. Дополнително, од годинава се нуди решение и за замена на батериите во соодветни сервиси. Нема информација за можноста од брзо полнење на батеријата и сè друго поврзано со тоа. Автомобилот е конструиран за 4 седишта и е наменет главно за градски средини. Неговата цена е 24.990 евра во основната верзија, 27.990 во верзијата Урбан и 29.790 евра во верзијата Метрополитен.
Иако производителот, германски старт-ап, се базира во производството на иновативни решенија, на мобилни фабрики за производство, како и на соработка со компанијата Бош уште од изработката на прототипот и продадени 700 возила за 6 години, токму последните декларирани перформанси за познавачите на автомобилската индустрија се непремостлив проблем за пласман на возилото што ќе се произведува во нашата земја на светскиот пазар, во конкуренција со многу појаките производители и понапредните производи.
Според нив, ова возило нема перспектива во однос на возилата кои ги произведуваат големите автомобилски компании, токму поради слабите изгледи кои ги нудат перформансите во однос на другите производители.
Трката е завршена одамна
Новинарот на порталот automedia.mk Дарко Јаконов вели дека оваа компанија нема можност да се позиционира меѓу силните ривали кои даваат сигурност, поради големата традиција на производство на електрични автомобили и поради перформансите на возилата кои ги произведуваат.
– Трката за обезбедување подобри стартни позиции за ерата на електромобилноста е завршена одамна. Ако некој се надеваше дека големите производители на автомобили ќе останат незаинтересирани и ќе дозволат електричните автомобили да бидат ексклузивност на старт-ап компаниите, каде што ентузијастички се мислеше дека нивното рано вклучување во електромобилноста ќе им овозможи и тие да станат големи производители на автомобили, денес веќе е недвојбено дека моќта и владеењето во ерата на електричниот погон останува кај големите производители. Next.e.GO Mobile SE е оставина од тоа време, со којашто никој повеќе не знае што да направи. Постојано се ветуваат нови и револуционерни решенија, коишто конечно ќе направеле работата да тргне. Последно оттаму е најава за преоѓање на концепт на замена на батеријата. Наместо да се чека батеријата да се наполни, празната батерија едноставно ќе се заменува со полна. Нема чекање. Наводно фирмата наскоро ќе била понудена и на почетно јавно наддавање. Тоа не е напредок, туку само отстапка – вели тој.
Тој додава дека се мали перспективите на автомобилот Life, како што првично беше името на моделот на e. Go Mobile, а денешен e. Wave X.
Со што располага електричниот автомобил кој треба да се произведува во Тетово?
– Пазарот веќе има на располагање електричен модел со многу помоќно име и имиџ, во форма на Fiat Nuova 500, па дури и една Dacia Spring. Италијанскиот автомобил во април беше осми најпродаван електричен модел во Европа, според статистиката на ценетата Jato Dynamics, со 3.877 примероци, додека Dacia постигна 4.191 продажби и на петтото место е на листата на најпродавани батериски електрични автомобили. Пазарот им припаѓа на Volkswagen, Tesla, Skoda, Volvo, Fiat, Peugeot, Renault, Dacia, Kia, Mercedes-Benz. Ништо не се сменило – вели тој.
Електромобилот на Фиат од Крагуевац ќе го „јаде“ тетовскиот за појадок
Јаконов за Плусинфо направи споредба на моделот на електричен автомобил кој ќе се произведува во Тетово и моделот на Фиат кој ќе се произведува во српскиот град Крагуевац.
– Автомобилскиот пазар се темели врз основното начело на споредување на нештата. Цената на e. Go Mobile e.wave X во Германија во моментов изнесува 24.990 евра. Fiat 500е почнува од 30.990 евра. Доколку станува збор за споредливи перформанси, разликата од 6.000 евра би била оправдана. Дури некој и да се впушти во ризик, да избере автомобил од непозната марка со неизвесна иднина, и автомобил од докажана марка што постои речиси исто колку и самиот автомобил како пронајдок, тоа се две неспоредливи возила – вели тој.
За батеријата на e. Wave X се наведува бруто капацитет од 30,4 kWh. Тоа е повеќе во споредба со основната изведба на Fiat 500e, којашто располага со 23,8 kWh бруто капацитет. Но, затоа постои фрапантна разлика во хомологираната вредност на потрошувачката: 18,6 kWh на e. Wave X наспроти 13,0 kWh на Fiat 500e. Никој не нашол за вредно да се впушти во истражување на потеклото на батеријата во e. Wave X, меѓутоа е сосем очигледно дека станува збор за техника од две „историски“ различни поглавја. Уште една споредба: батеријата на претходната верзија на моделот, на Life 60, тежеше 300 килограми, со нето капацитет од 21,5 kWh, додека батеријата на Fiat 500e тежи само 182 килограми.
Носивоста е уште едно битно поглавје што сведочи за неатрактивноста на e. Wave. Додека Fiat 500e дозволува 400 килограми, границите на e. Wave Х достигаат до 290 килограми. Тоа, меѓу другото, значи и дека сопирачките, амортизацијата, управувањето, сите големини на визната динамика на e. Wave се проектирани за 290 килограми.
Клучната разлика е во полнењето, што впрочем и укажува на причината, зошто сега се ветува преоѓање на принцип на замена на празната батерија со полна, место батеријата да се приклучи на полнач. Додека Fiat 500e може да се полни на брз полнач со моќност од 50 kW, и полнењето да трае 30 минути, кај e. Wave не постои таква можност. Производителот дури и не го наведува времетраењето на полнењето на „новиот“ модел. Кај Life 60, полнењето трае најкусо ако возилото се приклучи на обичен полнач, од којшто под моќност од 3,7 kW, полнењето ќе трае 342 минути.
За досегот на e. Wave X се декларираат 163 километри. Fiat 500e во основната изведба нуди 190 километри, додека во изведбата со поголема батерија од 42 kWh нето, може да се вози 321 километар до следното полнење. Покус за 30 сантиметри (3,36 метри) од Fiat, несудениот германски автомобил не нуди нити резерва за патување подалеку од градска средина. Во меѓуоскиното растојание, коешто приближно укажува на просторноста, e. Wave X пак е 12 сантиметри покус. Згора на сè, електромоторот е дел од задната оска, што пак одзема простор од кабината.
Јаконов вели дека дополнителен проблем за конкурентноста на моделот на Next.e.GO Mobile SE што компанијата веќе еднаш беше во стечај.
– Не постои ниту една големина или причина, за некој да се реши за автомобилот од компанијата што еднаш веќе се најде во стечај, а веќе се навестува дека и за претстојниот старт на берзата нема да се пројави интерес меѓу инвеститорите. Тоа би значело дека наскоро ќе заврши и ова поглавје, впрочем исто како што беше случај и со уште една германска старт-ап компанија, Sono Motors, што веќе е заборавена на сцената – вели тој.
И други познавачи од автомобилската индустрија велат дека со оглед дека компанијата која е инвеститор е мала компанија зависна од државните субвенции во Германија и мал производител на автомобили кои се од постара класа, проблематичен е пласманот на овие возила. Дополнително, не се знае дали во земјава ќе се произведува целосен автомобил, или ќе се монтира во делови.
Инвеститорот не кажува што ќе прави, ама бара пари
– Со оглед на она што се случува на пазарот на овој вид автомобили, кога најголемите европски производители се во силна конкуренција со кинескиот производител на овој вид автомобили, многу ќе биде проблематичен пласманот на овој автомобил, кој ќе има далеку повисока цена од она што го нудат Кинезите. Овој автомобил е од постарата генерација на вакви автомобили, што го прави неинтересен за продажба. Дополнително, проблем е набавката на најразлични компоненти за оваа индустрија и посебно на батериите, поради што има опаднат пласман од 30 отсто. Проблем е и инфраструктурната комуникација и подготвеноста на тетовскиот ТИРЗ, како и снабденоста со квалитетен кадар кој треба да работи во фабриката. Сето тоа ја прави оваа инвестиција многу неизвесна – вели познавач на состојбите во автомобилската индустрија, што го консултиравме.
Посебно сомнително за познавачите е тоа што инвеститорот воопшто не илезе во јавноста да каже што планира со фабриката, но затоа, пак, веќе посетил финансиски компании за да бара пари за инвестицијата.
– Не видовме претставник на компанијата инвеститор. Зарем тоа не е чудно? Затоа, пак, има информации дека инвеститорот посетил финансиски компании и барал пари, а такво нешто досега не сме имале од ниту еден инвеститор. Сето ова не дава јасна слика за тоа што се случува со оваа инвестиција и буди сомнеж дека е можно воопшто да не се реализира. Можно е да се случи да ги повлече парите од државата и да не почне никаква градба, како што тоа го направи и во соседна Бугарија. Но, да видиме што ќе се случува – вели нашиот соговорник, кој сака да остане анонимен.
Владата верува во проектот
Анализата на Владата, пак, покажува дека оваа фабрика има сериозен потенцијал за развој и да обезбеди приход за државата.
– Станува збор за компанија што е произлезена од техничкиот Универзитет во Ахен, Германија. Овој Универзитет е во водечките 2% во светот. Компанијата има вложено неколку десетици милиони евра во развој и во маркетинг на продуктот, а во последниве две години интензивно работи на развој на нови технологии и инвестиции во Југоисточна Европа. Од наша страна, направена е првична анализа на инвестицијата, што покажува сериозен потенцијал за развој и приходување за државата. Инаку, самата дејност е навистина нова во глобални рамки и пазарот за електрични возила се очекува да доживее значителен раст во следните години. Ова е шанса за Република Северна Македонија добро да се позиционира на овој пазар. Возилата се наменети за глобалниот пазар, а целта на компанијата е оваа фабрика во Тетово да стане центар за снабдување на европскиот пазар. Секако не е исклучена ниту продажба во нашата земја. Според договорот, а пробното производство се очекува во 2024 година, а веќе во 2025 да започне редовно производство кое според планот треба да е 30.000 возила годишно – велат од Владата.
Оттаму тврдат дека на овој инвеститор не му се исплатени никакви пари како помош, бидејќи тој не ја почнал инвестицијата, односно не станал корисник на зоната во Тетово.
Инвеститорот уште не добил пари од државата, ама ќе ги добие законски
– Во однос на средствата на државата, информираме дека досега не е извршена исплата кон инвеститорот. Согласно договорот, услов е стекнување со статус на корисник на зона, за што е потребно да се склучи договор со изведувач, а со тоа и договор за закуп на земја. Оттаму, јавниот интерес е целосно заштитен. И самиот договор којшто е потпишан содржи заштитни клаузули и механизми со кои го штитиме јавниот интерес. Доделувањето на државната помош зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Компанијата не добива пари однапред туку има конкретни рокови и датуми кои треба да се испочитуваат. Сите барања за исплати и не само од овој инвеститор, се проверуваат од страна на меѓународни ревизорски куќи што ги ангажира Дирекцијата за ТИРЗ – посочуваат од Владата.
За забрзување на постапката за реализирање на инвестицијата, на инвеститорот од дирекцијата на ТИРЗ му предложиле до изградба на објектот за производство да корист постојни објекти, односно веќе изградени погони.
– Од наша страна, на инвеститорот му е предочена и можноста од користење на постојни објекти за почеток на производство (brownfield) додека траат подготовките и изградбата на нов капацитет. Ова е практика на повеќето други инвеститори со кои соработува ТИРЗ – велат од Владата.
Покрај ова, додаваат од Владата, за побрза реализација на проектот кој е значаен и за државата се создадени сите предуслови, како оперативни, така и финансиски.
– Навреме реагираме на сите барања и потреби на овој, но и на сите останати инвеститори. Секако, влошувањето на условите на глобалните финансиски пазари не е нешто на што можеме да влијаеме, но наоѓаме начин како да помогнеме условите и за домашните компании што се ангажираат на изградба да бидат поприфатливи. Во однос на потребната инфраструктура, Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта веќе работи основен проект за изградба на клучна инфраструктура за поврзување на зоната со автопатот Скопје – Тетово, што е клучно за функционирање и на е.Го – велат од владата.
Од Дирекцијата на ТИРЗ и од Владата тврдат дека веќе е договорено каков кадар ќе работи во фабриката.
– Компанијата веќе има регистрирано своја фирма во земјава и ангажирани лица кои го менаџираат процесот и имплементацијата на инвестицијата. Според планот, треба да се вработат вкупно 891 работници што треба да се оствари до 2027 година. Дополнително компанијата предвидува и обука на наши млади луѓе и трансфер на технологии, како и соработка со локалните универзитети што носи уште поголема додадена вредност од целиот проект – велат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Според расположливите податоци инвестицијата во фабриката во Тетово тежи 130 милиони евра, а во неа се планира да се вработат 900 работници. Годишното фабриката планира да произведува по 30.000 автомобили. Македонските власти најавија дека првите е. ГО автомобили од македонско производство се очекуваат во последниот квартал од 2024 година, а дека платата за работниците во новата фабрика за електрични автомобили во Тетово ќе биде 2,5 пати од просечната плата во земјава, односно во просек од околу 1.340 евра бруто.