More

    Каков балансер би го извлекол најдоброто од пазарот на труд?

    spot_img

    Најави за протести, предупредувања за нарушување на меѓуетничките односи и за деалбанизација на државата, обвинувања за обиди за дестабилизација, повик конечно да се воведе мерит систем… Oдлуката на Уставниот суд да ја преиспита алатката балансер за правична застапеност при вработувањата во јавната администрација предизвика серија партиски реакции во Македонија.

    Судот вчера ја прифати иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата и одлучи да ја оценува уставноста на балансерот со образложение дека со оспорените законски одредби се доведува во прашање уставно загарантираниот принцип на еднаквост на граѓаните, уставната гаранција дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како и уставната одредба дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по кој било основ. Судот ги замрзна вработувањата по етнички клуч сè додека се донесе конечната одлука.

    Партите на Албанците и на Турците реагираа со загриженост, а од македонскиот политички блок засега се воздржуваат од изнесување ставови по одлуката на Судот.

    СДСM му порача на ВМРО-ДПМНЕ дека има шанса да воведе мерит-систем

    Од опозицискиот СДСМ велат дека не навлегуваат во уставноста и во одлуките на Уставниот суд.

    – Но, оваа одлука на Уставниот суд отвора врата и му овозможува на Христијан Мицкоски да најде модел на вработување според заслуги и почитување на правичната застапеност. Мицкоски и Максим Димитриевски во целата кампања ветуваа дека ќе воведат мерит-систем и сега топката е кај нив, тоа и да го направат – одговорија од СДСМ на прашањето на Плусинфо.

    Според Партијата за движење на Турците, одлуката на Судот може да ги наруши меѓуетничките односи. Од партијата соопштија дека со голема загриженост ги следат дискусиите околу укинувањето на балансерот, како и ставот на судот „дека националната припадност не може да е услов за место во администрација“.

    „Факт е дека овие одредби имаат важна улога во правичната застапеност на етничките заедници и се една од клучните придобивки на Охридскиот рамковен договор. Загрижувачки е што сме сведоци на поларизација на етничка основа во самиот Уставен суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани“, соопшти партијата.

    Оттаму нагласуваат дека во изминатите години алатката била злоупотребувана од сите етникуми, а тие како партија повикувале и нуделе решенија за нејзино подобрување.

    „Но сега, за да се надмине овој проблем, Владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи. Уставниот суд ја има надлежноста да ја штити уставноста и законитоста во државата, но не и за нарушување на самата уставност“, соопштија од Партијата за движење на Турците.

    Алијанса на Села ја обвини Алијанса на Таравари

    Од коалицијата Вреди, која е дел од власта, остро реагираа на одлуката на Судот и потенцираа дека е инспирирана од очигледната потреба на „криминалните структури на претходната власт за создавање меѓуетнички проблеми и дестабилизација“. Од Вреди велат дека сите судии, без исклучок, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати.

    „ДУИ давала поддршка на сите оние кои денес поведоа постапка против т.н. балансер. Вреди веќе работи на решавање на проблемот со правична застапеност на Албанците во институциите, но на адекватен систематизиран и кодифициран начин – со нов закон на кој веќе се работи. Принципот на рамноправна и правична застапеност е гарантиран со Уставот и тој не може да биде оспорен и поништен дури ни од Уставниот суд. Дополнително, во десетици, можеби и стотици материјални закони за функционирањето и работата на институциите е гарантирана застапеноста на Албанците“, соопшти Вреди.

    Веднаш по вчерашната одлука регираше поранешниот министер за правда Кренар Лога, кој е дел од опозициската Алијанса на Албанците под водство на Зијадин Села. „За жал, Северна Македонија се лизга по пат што е докажано фатален за неа. Денес нашата држава ги дели патиштата, или ќе оди кон Европа или кон ‘српски свет‘, или ќе остане Северна Македонија и европска или македонската олигархија ќе направи дел од неа да стане ‘Јужна Бановина‘“, реагираше Лога.

    Тој побара во Уставниот суд да се одлучува според Бадинтеровиот  принцип.

    „Додека во Уставниот суд не постои двојно гласање за законите со Бандетер, односно механизам за заштита на другите етнички заедници, ароганцијата на македонската политичка елита ќе се појави повторно, исто како во 1991 или 1997 година“, потенцира Лога.

    Според Зијадин Села, одлуката за балансерот е политичка наредба од премиерот Христијан Мицкоски, а одлуката е погрешна и нè враќа назад во минатото бидејќи се укинува стекнато право. Тој рече дека поради ова ќе има протести, кои се демократско право, а плашењето со дестабилизација е параноја.

    ДУИ стравува од поништување на секое достигнување на Албанците

    Арбер Адеми од опозициската ДУИ, пак, коментираше дека одлуката на Уставниот суд е само проста реализација на ветувањата и програмските определби на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а владиниот партнер Вреди е во својство на гледач и покрај тоа што едно по едно се поништува секое достигнување на Албанците.

    – Од Собранието сега мајоризацијата е преместена во Уставниот суд. Албанските членови беа надгласани. Судиите беа поделени по етничка линија. Балансерот беше суспендиран. Нема повеќе работа за Албанците, со исклучок на повремени случаи, така да се каже – реагираше Адеми.

    Тој судската одука ја поврза со делови од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во која „ова беше ветено, а денеска е реализирано“.

    И мислењата во Уставниот суд се поделени

    Уставниот суд вчера донесе времена мерка со која се прекинуваат вработувањата по етнички клуч во администрацијата и поведе постапка за проверка на уставноста на примената на „балансерот“, на иницијатива на Антикорупциската комисија. Со иницијативата се оспорени членовите од Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за административни службеници, во деловите каде се споменува терминот „припадност на заедницата“. Според Антикорупциска, со овие одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на национална припадност и достапноста на работни места за сите граѓани.

    – Судот ги оцени наводите на Комисијата како основани, но и ги прошири сомнежите за неуставноста и незаконитост и за други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони, но и за подзаконски акти кои произлегуваат од нив – рече вчера портпаролката на Судот, Христина Беловска.

    Во оваа фаза од постапката, објасни таа, Уставниот суд изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се признати во меѓународното право и се утврдени во нашиот Устав, слободното изразување на националната припадност, како и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во институциите на сите нивоа.

    Белевска посочи дека како аргументите во расправата на уставните судии е посочена ланската одлука на Уставниот суд со која е решено дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, дека е лично право на граѓанинот да одлучи дали и како ќе се изјасни за својата припадност, вклучително и правото да не се изјасни.

    – Расправајќи за одредби од Законот за матична евиденција Судот тогаш одлучи дека националноста е приватно и внатрешно чувство и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста, а уште повеќе тоа чувство да биде предмет на задолжително институционално администрирање во регистрите на државата – рече Беловска.

    Освен за одредбите од двата закона, Уставниот суд поведе постапка и за одредбите од Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор. Судиите го поставиле прашањето дали со оспорените одредби на кандидатите за административни службеници им е наметната законска обврска да се изјаснат за припадноста кон одредена заедница. Судиите дебатирале и дали одредбите од овој правилник се ограничување на правото на кандидатите од другите заедници за огласените работни места, со што се доведува под сомнеж усогласеноста со принципот на еднаквост и со уставната гаранција секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.

    При расправата уставните судии од етничките заедници, Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдари се изјасниле за отфрлање на иницијативата, односно биле против и воопшто да се разговара за неа. Судијката Добрила Кацарска изнела став дека наместо да се прифати иницијативата на ДКСК треба да му се предложи на Собранието да ја дорегулира одредбата за правична застапеност. Претседателот на судот Дарко Костадиновски сметал дека треба да се формира предмет, но не само за да се укине одредбата за правична застапеност, туку и да се разгледаат и сите акти во кои таа е предвидена, затоа што, според него, балансерот не е уставен и предизвикува дискриминација при вработувањето. Слични ставови имале и судијките Ана Павловска-Данева, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска и Татјана Васиќ-Бозаџиева.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img