Говорот на телото кажува многу за вас додека присуствувате на нтервју за работа, па експертите набројуваат дел од најчестите грешки коишто луѓето несвесно ги прават при таков разговор, пишува Тајмс оф Индија.
- Подгрбавеноста може да изгледа како недостиг на самодоверба и на ентузијазам. Совет: Поставете се исправено за да изгледате професионално, посветено и проактивно.
- Прекрстените раце на градите може да покажат „одбранбено или затворено“ однесување. Наместо тоа, се препорачува слободно и опуштено држење ги рацете за да се добие впечаток на „пристапност“ до личноста.
- Играњето со предмети како: пенкало, хартија, е-цигара и слично, може да укаже на здодевност или на вознемиреност. Држете ги рацете смирени и избегнувајте однесување што го одвлекува вниманието.
- Прекумерната нервоза, со тапкање со стапалото, играње со косата и слично, исто остава лош впечаток. Наместо тоа, се советува смирен, прибран и сосредоточен став.
- Избегнувањето контакт со очите, со личноста спроти Вас, може да се толкува како неискреност или, пак, несигурност. Совет: Не ги избегнувајте очите на потенцијалниот работодавец и покажете внимателност, присутност и самодоверба.
- Постојаното гледање во часовникот говори дека лицето, кое го интервјуираат за работа, е нетрпеливо или недоволно заинтересирано, па чека времето да мине што побргу. Избегнувајте да го проверувате рачниот, ѕидниот часовник или оној на мобилниот телефон. Почитувајте го времето на работодавецот и бидете присутни за време на разговорот.
- И цврсто прекрстени нозе говорат за прекумерна напнатост. Совет: Се препорачува опуштена положба на телото, со стапалата на подот.
За крај: Иако гестикулацијата често ја подобрува комуникацијата, прекумерното движење со рацете честопати го одвлекува вниманието, изгледа нападно и го нарушува разговорот.