More

    Kако превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања основната камата покачена за 0,25 п.п.

    spot_img

    На 12 април 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани најновите движења на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

    На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари.

    Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8%. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.

    Имајќи ја предвид стратегијата на стабилен курс на денарот, при носење на монетарните одлуки се земаат во предвид и состојбите на девизниот пазар и нивното влијание врз девизните резерви. По иницијалниот притисок на девизниот пазар, кој вообичаено се случува во сите кризи, а којшто во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.

    Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизни резерви во преткризниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви остануваат на високо ниво согласно со сите меѓународни стандарди.

    Во однос на движењата во реалната економија, во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4%, што е во рамки на очекувањата од октомвриската проекција (3,9%). Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари ‒ февруари 2022 година даваат мешани сигнали, со подобри остварувања во индустријата, натамошно намалување на активноста во градежништвото, и реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но со поумерена динамика. Воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, која има неповолни ефекти врз глобалната економија и дополнително ги влоши веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, а влијае и врз довербата на економските субјекти, неповолно делува на економските изгледи и за домашната економија.

    Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според прелиминарните податоци за март 2022 година годишниот раст на кредитите и натаму е солиден и е над проектираниот за првиот квартал на 2022 година, согласно октомвриската проекција, при нешто поумерен раст кај депозитите од проектираниот.

    Зголемените геополитички тензии и високите инфлациски притисоци во глобални рамки креираа дополнителни неизвесности и ризици на меѓународните финансиските пазари коишто влијаеа врз расположението на инвеститорите. Во март се зголеми одбивноста кон преземање на ризик поради влошување на финансиските услови и вградените очекувања за постепена нормализација на монетарните политики од страна на централните банки. Ваквите движења се пренесоа и кај цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната, чиишто остварувања беа одредени и од најавеното побрзо намалување на откупот на хартии од вредност на состанокот на ЕЦБ. Зголемените очекувања за побрзо затегнување на политиката на ФЕД во услови на поволни остварувања на пазарот на труд и солидна економска активност го поттикнаа растот на берзанските индекси и намалување на цените на државните обврзници во САД.

    Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при се уште неизвесен тек на пандемијата предизвикана од ковид-19, налагаат натамошно внимателно следење на состојбите. Народната банка ќе продолжи со реоценување на поставеноста на монетарната политика на редовна основа, имајќи ги предвид најновите информации од надворешното окружување и домашната економија. Во тек е изработката на новиот циклус на макроекономски проекции во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img