Во однос на начинот на раководење со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот досега повеќепати јавно сме ги изразиле нашите ставови, а воедно сме ја известиле и Владата на Република Северна Македонија. Имено последен пат Советот одржал состанок пред 16 месеци со што грубо се прекршува член 17-б од Законот за основање на Агенција за поддршка и промоција на туризмот според кој советот треба да заседава еднаш на секои три месеци, реагираат од Националното здружение за дојдовен туризам во Македонија.
– Изминатиот период НАИТМ како докажана релевантна организација на агенциите за дојдовен туризам даваше несебичен придонес во работата на сите тела каде учествувала со внимателно и чесно подготвени предлози кои произлегуваат од работата на своето активно, професионално и стручно членство – велат од Здружението.
Оттаму реагираат во врска со решението за формирање Совет на Агенција за промоција и поддршка на туризмот донесено од страна на директорот Љупчо Јаневски на 31.03.2022 година каде наместо НАИТМ место во Советот добива непозната организација со сличен назив што создава забуна кај претставниците на туристичкиот сектор.
Поради тоа од НАИТМ отворено поставуваат прашања до директорот, а кои логично се наметнуваат:
1. Дали се чекаше 16 месеци за да истече мандатот на претходниот Совет и да ги исклучите од истиот тие кои ви укажуваат на слабостите?
2. Дали со ова решение е доделено место на организација со сличен назив со разлика од само една буква НАИТ(А)М со цел да се создаде лажен впечаток дека Асоцијацијата за дојдовен туризам партиципира во работата на Советот при АППТ?
3. Дали за именуваниот претставник на непознатата асоцијација НАИТ(А)М, г-н Александар Коневски се воделе или се водат кривични постапки?
4. Дали именуваниот член на Советот г-н Алексендар Коневски има пресуди за кривични дела?
Во соопштението на Националната асоцијација за дојдовен туризам се вели дека и натаму остануваат посветени на туризмот и ќе придонесуваат чесно, стручно и професионално за изноаѓање на решенија за надминување на предизвиците со кои се соочува туризмот, но и обезбедување негова одржливост, развој и постигнување додадена вредност во економијата.
– За жал и покрај напорите на реалниот сектор останува впечатокот дека туризмот се уште не е препознаен економски сектор – велат НАИТМ.