Норвешката економија се намали и во третиот квартал и влезе во рецесија, при што странската побарувачка за гас опаѓа, покажаа податоците на норвешкиот завод за статистика.
Норвешкиот БДП во периодот од јули до септември е намален за 0,5% во однос на претходните три месеци кога забележа ист процентуален пад. Во првите три месеци од годинава бележи раст од 0,2%. Тоа би значело дека Норвешка влезе во рецесија во третиот квартал, што се дефинира како пад на активноста на два квартали по ред.
Ако се изземе нафтениот и плинскиот сектор, БДП во периодот од јули до септември бележи пораст од 0,1 отсто во однос на претходните три месеци, кога стагнираше. На почетокот на годината е зголемен за 0,1%. Потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 0,5%, поддржана од купувањето стоки во странство и услугите поврзани со туризмот.
Државните трошоци се зголемени за 0,9%, поддржани од трошоците за одбрана. Бруто инвестициите на компаниите во фиксен капитал се намалени за 2,1%, што е одраз на остриот пад на трошоците за океански транспорт.
Денес, Норвешка е најголемиот снабдувач на гас во Европа, менувајќи ја Русија од водечката позиција и го испраќа главно преку гасоводи. Во третиот квартал, пак, извезоа 1,4% помалку гас во однос на претходните три месеци.
-Норвешката економија сега е во фаза на деловен циклус каде слабата побарувачка го задушува растот, рече Пал Слетен, шеф за национални податоци во норвешката статистичка агенција.
На годишно ниво, БДП се намали за 1,9% во третиот квартал, откако речиси стагнираше во претходните три месеци. Во првите три месеци од годинава бележи раст од 3,2%. Кога ќе се исклучат нафтата, гасот и опремата, активноста речиси стагнираше во периодот од јули до септември, како и во претходните три месеци. Додека, во првиот квартал бележеше пораст од 2,9%.