Темната материја која сочинува 27 отсто од универзумот, можно е и воопшто да не постои, а наместо тоа има информации кои „тежат“, односно имаат маса, велат најновите теории на британски физичар, пишува БигТинк. Уште пред сто години, кога во 1920-тите темната материја беше предложена, таа им задаваше болки на научниците.
Како дојдовме до темната материја?
Кога ќе погледнеме во галаксиите во небото, постојат недоследности. Ѕвездите кои се поблиску до центарот имаат иста маса со оние на крајот, што ја навело Вера Рубин во 1968 година да потврди дека дефинитивно негде има повеќе маса отколку што предвидуваат Њутновите закони. Оваа маса била наречена „темна“ материја. Дури, во универзумот постои и темна енергија која сочинува неверојатни 68 отсто од целината.
За вторава, пак, не се знае ништо, освен што научниците морале да ја вметнат во своите теории. На пример, при ширењето на универзумот, за да се утврди брзината, односно Хабловата константа. Или подобро речено, да „се наштима“, бидејќи овие бројки и количини и денес се под прашање.
Сега тоа прашање добива одговор. Но, внимание, теориите за посебни „црни“ честици наречени WIMPS или за неутрина не се валидни. Еден физичар од Портсмаут по име Мелвин Вопсон има идеја.
Единиците и нули „тежат“ и даваат топлина
За Вопсон, нема црна материја, но има нешто друго. Тој се повикува на еден свој колега, Џон Вилер, кој во 1989 година предложил дека ако го цепкаме универзумот на мали делчиња ќе стигнеме до „единици и нули“, односно до информации. Вопсон сега реши да оди чекор понатаму: тие мали парченца „тежат“, однос имаат маса. И тие се она што го викаме црна материја.
Всушност, уште од 1961 година е познато дека информациите можат да оддаваат топлина, значи не се само информации. Звучи чудно, но тоа го докажал Ролф Ландауер. Информациите не се само апстрактни работи кои може да се најдат во некој учебник по математика или во весник. Тие и физички постојат.
Вопсон, само се надоврзал на Ландауер, велејќи дека, информацијата треба да е еквивалентна со масата и енергијата и дека овој принцип е пред теориите на Ајнштајн и на Макс Планк.
Петтата состојба на материјата
Добро, ако имаат маса обичните информации, како да ја измериме? Машина за мерење не постои иако научниците имаат идеја: ќе земеме еден празен уред за складирање податоци. Може да биде и УСБ. Ќе измериме колку тежи со некоја чувствителна апаратура. Потоа ќе избришеме еден „фајл“ од него и пак ќе мериме.
Вопсон веќе планира да направи ваков експеримент, но за тоа ќе му требаат многу пари, па аплицирал за грант. Неговата „вага“ за мерење, всушност, би требало да биде поприлично голема.
Што ако експериментот успее? Тој би ги открил масата и својствата на информацијата, а со тоа и на нов тип на материја – која ќе биде различна од досега познатите цврста, течна или гасовита состојба или пак огнот, кој научниците го викаат плазма како четврта можност. Не, тоа што Вопсон би го открил е нова, петта состојба на материјата. Она што, сега-засега, го нарекуваме темна материја.