Како да се натера власта да седне на маса со приредувачите на игри на среќа и спортските обложувалници на кои им крои капа со европско знаменце? На ова прашање веќе четири години тие немаат никаков одговор иако во кулоарите се шпекулира дека некој сака да извлече лична корист од измените во Законот за игри на среќа, а тоа сигурно нема да биде државата.
– Постојат информации, но немаме точна бројка за влез на друга странска компанија. Но, онака како што е поставен предлог законот се остава простор да има – одговори на новинарско прашање Васко Илијевски, претседател на Асоцијацијата на спортски обложувалници во Македонија (АСОМ), на денешниот брифинг.
Илијевски нагласува дека индустријата на игри на среќа не е против законските измени, но очекува тие да се донесат низ демократска процедура и преку јавна дебата, а не со игнорирање и молк од Владата и од институциите, кои овој предлог закон не го ни поставиле на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) преку кој засегнатите страни би можеле навреме да дадат свои забелешки.
Тенденциозно ги игнорираат
– Не сме имале контакт со институциите. Не сме против законски измени, но бараме да се направи она што е најсоодветно за одредена индустрија на отворен и транспарентен начин и да се следат европските и светските норми. Наш интерес е самата индустрија да напредува, а легислативата да се европеизира. Ова што го прави Владата не е тоа. Бараме итно повлекување на Законот за игри на среќа и негово носење во редовна постапка – рече Илијевски.
Откако Владата на 21 февруари годинава ги прифати измените на Законот за игри на среќа на предлог на Министерството за финансии, Асоцијацијата на различни начини преку отворени писма до Владата, јавни повици преку медиумите, писма до Делегацијата на Европската Унија во земјава, писма до Собранието итн., се обиде да ги повика на дијалог, но оттаму велат дека институциите тенденциозно ги игнорираат.
Казни и советување и за старателите
Во однос на предложените решенија, Асоцијацијата смета дека забраната за влез на малолетници во објектите на игри на среќа е доволна, но предлага да се зголемат казните за нивно присуство за 2 до 3 пати, да се воведе казна и за старателот на малолетното лице, да се воведе советување за старателот и за малолетникот за влијанието на игрите на среќа, како и да се воведе рестрикција на странски интернет сајтови.
– Забраната за игри на среќа ќе ги монополизира игрите на среќа. Државата го монополизира пазарот со тоа што им дава право да работат само фирми формирани од државата, со 51% учество на државата и 49% учество на приватна фирма. Овој предлог за АСОМ е апсолутно неприфатлив. Бараме да се регулираат интернет игрите на среќа, а не да се забранат. Бараме да се тргне европското знаменце. Ги повикуваме институциите и сите одговорни субјекти да нѐ сфатат сериозно бидејќи сме на иста страна – нагласи Илијевски.
Од АСОМ бараат и да се исфрлат предвидените паушални давачки, зашто, како што вели Илијевски, паушалите се покажале како неекономични и нефункционални.
Согласно објавените информации, измените на Законот предвидуваат да се зголеми надоместокот за издавање лиценца за обложувалница на 200.000 евра, а за секое следно уплатно-исплатно место, приредувачот да плаќа надоместок од 10.000 евра.
Законот ќе затвори 98% од објектите
– Негативните ефекти од донесувањето на овие измени на Законот ќе се одразат врз вработените и врз државниот буџет каде сега годишно се слеваат околу 250 милиони евра. Ако се донесе Законот ќе се затворат 98% од објектите и ќе се остави простор само за јавно-приватно партнерство – рече Илијевски.
Предлог законот за игри на среќа чека да дојде на дневен ред пред Комисијата за европски прашања во Собранието. Од АСОМ неодамна испратија писмо до пратениците-членови на Комисијата за европски прашања кои ги повикаа да не го поддржат Законот и им порачаа дека не смеат да бидат заложници на нечии интереси и агенди, туку заштитници на народот.
Илијевски нагласува дека носењето на Законот без прифаќање на нивните аргументи ќе доведе до крах на индустријата на игри на среќа во земјава и ќе го отвори патот на црниот пазар и сивата економија. Со измените на овој закон се засегнати околу 10.000 вработени.
Групацијата за игри на среќа при Стопанската комора на Северна Македонија вчера повторно предупреди дека носењето на новиот закон за игри на среќа, кој се наоѓа во собраниска процедура, може да ги засегне, директно и индиректно, редовните примања на околу 54.000 луѓе.
Доколку институциите останат глуви на апелите на оваа индустрија и покрај сите обиди за дијалог, од АСОМ најавуваат масовни протести.