Во последните децении, инциденцата на меланом значително се зголемува низ целиот свет, а во мај, месецот на меланом, се одржуваат кампањи посветени на подигнување на свеста кај пациентите за рано и навремено откривање на ракот на кожата. Со рано препознавање на сомнителните промени на кожата во најраната фаза на болеста, шансите за излекување се високи и се зголемуваат до 100 проценти.
„Кожата ја покрива целата површина на телото и е најголем орган во телото кој се сеќава на секоја повреда, секоја траума, а изгорениците се огромна траума што може да доведе до ризик од појава на рак на кожата по 10 или 20 години. За спречување на меланомот, не треба да се размислува само во текот на летните месеци, туку мора постојано да се грижиме за кожата, во сите ситуации, особено кога кожата е изложена на сонце. Прекумерното изложување на сонце и неговите штетни ултравиолетови (УВ) зраци е позната како една од главните причини за рак на кожата“, советуваат дерматолозите.
Што е меланом и како настанува?
Меланомот е малиген тумор на меланоцити – клетки што произведуваат меланин (црн пигмент). Поради високата склоност кон рани метастази, се смета за еден од најагресивните тумори на кожата. Развојот на меланомот започнува со неконтролиран раст и поделба на генетски трансформираните меланоцити. Имено, кога кожата е изложена на ултравиолетово зрачење, на клеточно ниво настануваат микроштети кои ги стимулираат меланоцитите да произведуваат меланин. Сепак, добрата вест е што едноставно може да се открие навреме и ефикасно да се лекува.
Кои фактори го зголемуваат ризикот од појава на меланом
Многу фактори придонесуваат за зголемен ризик од развој на меланом, од кои најчести се: светла боја на кожата, долга изложеност на штетното ултравиолетово зрачење, како и честите изгореници од сонце во млада возраст. Висок ризик за појава и развој на меланом е и генетската предиспозиција, бенки со необична форма, многубројни бенки (повеќе од 50 бенки на телото), вродени бенки, постоење на диспластични бенки, како и користење на солариум и ослабен имунолошки систем од која било причина.
Самопреглед на кожата
Свесноста за меланомот и редовниот самопреглед на кожа се многу важни, бидејќи раната дијагноза и раниот третман се клучни за прогноза на болеста. Се препорачува да се прави самопреглед на кожата најмалку еднаш месечно. На овој начин подобро се забележуваат промените што би можеле да укажат на малигна трансформација на бенките и други кожни тумори. За полесно препознавање на промените на бенките, добро е да се знаат ABCDE-правилата, кои се акроними на англиски зборови кои означуваат асиметрија, рабови, боја, дијаметар и промени. Секој збор укажува на промена на кожата на која треба да се посвети посебно внимание и препорачливо е самопрегледот да се прави пред големо огледало во добро осветлена просторија и да се проверат внимателно бенките на цело тело.
Како се дијагностицира меланом?
Важен предуслов за успешно лекување на меланомот е навремена дијагноза. Дијагностиката на меланомот вклучува неколку категории и секогаш започнува со анамнеза и детален клинички преглед. Во анамнезата, важно е да се дознаат информации за можната семејна историја на меланом, претходните и моменталните заболувања на пациентот, изложеноста на ултравиолетово зрачење, лековите што ги зема итн. Во процесот на прецизна дијагностика се применува и дермоскопијата, неинвазивна дијагностичка техника која служи како помош при дијагностицирање на некои форми на меланом и евалуација на пигментирани и непигментирани кожни лезии. Со употреба на дерматоскоп – површински кожен микроскоп, се прави детален преглед на промените на бенките. Со него се одредува дали пигментираните лезии (бенки) се бенигни или постои сомнение дека се малигни. Оваа информација е потребна непосредно пред операција за отстранување на кожните лезии.
„Употребата на методот дермоскопија, со кој се проверуваат бенки и други промени на кожата, за 60 проценти го подобрува раното откривање на некои типови рак на кожа. Од особена важност е ракот на кожа да се детектира во рана фаза“, вели д-р Андреј Петров, дерматовенеролог во Клиничка болница „Аџибадем Систина“.
Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ прегледите се изведуваат на најсовремениот дерматоскоп Mоle Max HD, со кој се овозможуваат прецизен скрининг и рана дијагноза на карцином на кожа.
Совети за превенција од меланом
Основно правило за спречување на меланомот и намалување на ризикот од негова појава е ограничување на изложеноста на ултравиолетово зрачење и соодветна заштита, како и темелен самопреглед на кожата и посета на дерматолог еднаш годишно. Докажано е дека УВ-зрачењето е поврзано со развојот на меланом, па затоа треба да се избегнува секогаш кога е можно и задолжително да се нанесуваат креми со заштитен фактор. Со заштита на вашата кожа, редовни прегледи и препознавање на знаците, може да се спречат сите сомнителни кожни лезии пред тие да станат нешто посериозно.